Бројот на починати од ковид-19 во светот надмина еден милион

27

СЗО предупредува дека бројката може да се удвои доколку земјите не соработуваат заеднички за да се спречи ширењето на вирусот

Бројот на смртни случаи од ковид-19 глобално ја надмина бројката од милион лица. Последните податоци покажуваат дека над 1 милион и две илјади луѓе починале откако се појави новиот коронавирус на почетокот на годинава.

На светско ниво досега се регистрирани над 33 милиони лица заразени со вирусот, а речиси 25 милиони од нив успешно закрепнале од болеста. Во моментов активни се над 7,6 милиони активни случаи, најголемиот дел од нив во САД, Индија, Бразил и Франција.

Во неделата Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека не е невозможно бројката на починати да се удвои доколку земјите не соработуваат заеднички за да се спречи ширењето на вирусот. Според д-р Мајк Рајан од СЗО,  стапката на смртност од ковид-19 постепено опаѓаше последните месеци поради тоа што медицинските експерти ги третираа сериозните случаи со поспецифични начини на лекување, сепак тој потенцира дека бројката на два милиони смртни случаи од вирусот може да се очекуваат пред вакцината доколку лидерите не воспостават подобри мерки.

„Време е за акција во секој можен аспект на нашиот стратешки приод. Не само тестирање и следење на случаите, не само болничка грижа или социјална дистанца, не само хигиена и маски, не само вакцини. Треба да се прави сè од ова. Ако не го сториме тоа, бројката од 2 милиони починати не е само незамислива, туку, за жал, многу веројатна“, додал Рајан.

Глобално најголем број смртни случаи од вирусот се регистрирани во САД, над 200 илјади лица кои починале од ковид-19. Меѓу земјите со најголем број починати од почетокот на пандемијата се и Бразил, Индија, Мексико и Велика Британија.