Бројот на заразени со Ковид-19 во светот речиси 8 милиони

46

Според последните податоци, во светот со коронавирусот досега се заразени 7.929.659 лица. Од нив починале 433.602, а оздравеле 4.076.120 луѓе.

– Во Србија во последните 24 часа се регистрирани 59 нови случаи на зараза со коронавирус, а едно лице почина. Од почетокот на епидемијата во земјата се потврдени вкупно 12.210 инфицирани, а вкупниот број на смртни случаи достигна 254.

– Албанија забележа нов негативен рекорд по бројот на новозаразени за едно деноноќие, од појавата на пандемијата со Ковид-19. Од направените 362 тестирања позитивни се 57, со што вкупната бројка на заразени се зголеми на 1.521 лице. Излекувани се 1.044, починале 36, додека активни на болеста се 441. Моментно во Инфективната болница се лекуваат 47 пациенти, од нив седум се на интензивна терапија, додека еден е приклучен на респираторна машина. Во лабораторијата за вирологија при Институтот за јавно здравје досега се направени 20.494 тестови.

– Во Иран првпат по два месеца се забележани повеќе од 100 смртни случаи од Ковид-19 за едно деноноќие. Портпарол на Министерството за здравство истакна дека уште 107 лица починале, со што бројот на смртни случаи е зголемен на 8.837. Иран последен пат забележа над 100 починати за еден ден на 13 април, кога животот го загубија 111 луѓе. Потврдени се и 2.472 новозаразени, по што вкупниот број на заболени изнесува 187.427.

– Во Косово почина жена на 74-годишна возраст, со што бројот на жртви на епидемијата на Ковид-19 се искачи на 33. Според последните официјални статистики, во земјата досега се евидентирани 1.384 носители на коронавирусот, од кои вчера 53. Истовремено се потврдени седуммина новоизлекувани, со што бројката на лица кои ја пребродија болеста достигна до 928. Активни носители на вирусот се 476 лица. Во лабораторијата за микробиологија на Институтот за јавно здравство на Косово, вклучително вчерашните 313, досега се извршени 17.934 тестирања.

– Индиската Влада соопшти дека на градските власти во Њу Делхи ќе им обезбеди 500 железнички вагони, кои ќе бидат опремени за лекување пациенти заразени со коронавирус, откако овој град се соочи со недостиг на болнички кревети по порастот на бројот на заразени. Благодарејќи на вагоните, вкупниот капацитет на кревети за сместување на пациенти заразени со Ковид-19 во Њу Делхи ќе биде зголемен на 8.000.

– Во изминатите 24 часа во Хрватска е потврден еден нов случај на коронавирус, со што вкупниот број на заразени во земјата се зголеми на 2.252, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.

– Во Египет во последните 24 часа се регистрирани рекордни 1.677 случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени достигна 42.980, соопшти египетското Министерство за здравство. Тоа е најголем дневен пораст на бројот на заразени откако вирусот е првпат откриен во таа земја кон средината на февруари. Пријавени се уште 62 смртни случаја од последици на коронавирусот. Досега во Египет вкупно се починати 1.484 луѓе.

– Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека се преразгледува мерката за држење дистанца од најмалку два метра, која е воведена поради пандемијата на новиот коронавирус. Тој истакна дека во момент кога британската Влада се соочува со притисок да го измени правилото за држење дистанца од два метра и да го намали на еден метар со цел да го поттикне развојот на економијата. Доколку остане во сила правилото за држење дистанца од два метра, тогаш две третини од англиските ноќни клубови ќе мораат да останат затворени.