Бројот на загинати во терористичкиот напад во Буркина Фасо се искачи на 160

99

Бројот на загинати во терористички напад во село во северниот дел на Буркина Фасо се искачи на 160, јави новинската агенција Анадолија.

Многумина од повредените во нападот во селото Јага се во сериозна здравствена состојба.

Земјата прогласи тридневна жалост, која започна вчера, а многу меѓународни организации го осудија нападот. Меѓу нив е и генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, кој ја повика меѓународната заедница да ги поддржи земјите од регионот кои се борат против тероризмот.

За време на нападот, терористите отворија оган врз локалното население и запалија неколку куќи и локален пазар во село во северниот дел на земјата.

Буркина Фасо е сцена на чести терористички напади од 2015 година. Според Обединетите нации, терористичките напади врз војската и цивилите принудија на раселување околу 1,1 милиони луѓе во таа земја.

Досега никој не ја презеде одговорноста за последниот напад.