Неочекуваниот кикс на Интер против Славија од Прага (1:1) во првото коло од групната фаза во Лигата на шампиони, донесе големи проблеми во соблекувалната на Антонио Конте.

Најтиражните спортски весници во Италија, „Газета дело Спорт“ и „Кориере дело Спорт“ пишуваат дека по натпреварот дошло до вербална, а за малку и физичка пресметка помеѓу Марсело Брозовиќ и Ромелу Лукаку.

Репрезентативецот на Белгија побарал од тимските колеги да се држат до планот на Конте, односно да се игра по земја. Сепак, во финишот од натпреварот, Интер нервозно играше на високи топки, а Брозовиќ, кој е главен во средниот ред, тоа го сфати лично.

Репрезентативецот на Хрватска веднаш посакал да се соочи со Лукаку, но благодарение на брзата реакција на тимските колеги, била спречена физичката пресметка. Сличен проблем Брозовиќ имаше и со поранешниот капитен на „нероазурите“, Мауро Икарди, кој ова лето беше заврши како позајмен играч во дресот на францускиот гигант ПСЖ.

Италијанските медиуми додаваат дека освен киксот, Лукаку е многу нервозен поради неговата физичка подготвеност и болките кои постојано ги чувствува во грбот. Белгискиот интернационалец е најскапата аквизиција во клупската историја на италијанскиот калчолигаш, откако Интер го прифати побараното обесштетување на Манчестер Јунајтед, вредно 65 мил. евра.