Брод без екипаж 1,5 година пловел по Атлантикот, бурата „Денис“ го насука на брегот на Ирска

330

Напуштен товарен брод се насука на брегот на областа Корк, во Ирска, а таму го донесе невремето, кое изминатата недела го погоди северот на Европа и велика Британија, пишува БиБиСи.

Загубениот „брод на духови“ се насукал на карпите. Со тоа се заврши непознатата одисеја на бродот под името Алта, долг 77 метри што пловеше по Атлантикот меѓу Америка, Европа и Африка изминатата година и половина.

И покрај тоа што екипажот го напуштил, бродот останал над водата цело време, се додека неговото осамено патување на крајот не го донесе невремето Денис до брегот на Ирска по силната бура.

Штом се насука на брегот, бродот привлече многу внимание, поради што локалните власти издадоа предупредување до јавноста во кое се вели да „не пристапуваат кон бродот бидејќи се наоѓа на опасен дел од брегот“.

Бродот веќе бил прегледан (и снимен) од страна на ирската крајбрежната стража, а според првите слики, се смета дека не постои опасност од истурање гориво во морето.

Бродот Алта е изграден во 1976 година и долго пловел под знамето на Танзанија. Бродот го сменил сопственикот во 2017 година и се најде во неволја во септември 2018 година на патот од Грција до Хаити кога неговите мотори откажале на 2200 километри од Бермудските острови.

Бидејќи пет-члениот екипаж не успеа да го санира, Алта на крајот беше напуштен кога пристигна брод на американската крајбрежна стража за да ги однесе во Порто Рико. Крајбрежната стража веднаш стапила во контакт со сопственикот на бродот за да организира реморкер што ќе го донесе бродот на брегот. Потоа, бродот, наводно, бил влечен во Гвајана, каде, наводно, бил киднапиран.

Потоа, на бродот му се губи трагата, сè додека не беше снимен среде Атлантикот во август минатата година од екипажот на британскиот патролен брод HMS Protector. Тогаш беше јасно дека бродот неконтролирано плови по океанот. Потоа, се смета дека Алта отпловил до бреговите на Африка и потоа поминал покрај брегот на Шпанија за на крајот да го заврши патувањето во Ирска.