Брнабиќ: Нема нови мерки, не поради економијата, фокусот да е на вакцинирањето

36

Коментирајќи го фактот дека Кризниот штаб не воведе нови мерки против коронавирусот, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека причината за тоа не е економијата, туку пред се затоа што Србија има вакцини, јави дописникот на МИА од Белград.

-Погрешно се толкува дека тоа го правиме поради економијата. Не е поради економски причини, иако економијата е важна затоа што борбата против коронавирусот чини многу, во однос на парите што ги даваме секој ден за тестирање, за заштитна опрема, за здравствените работници, за лекови, за иновативни лекови за кои преговараме и кои Србија ги има секогаш меѓу првите во Европа.Никогаш не помисливме да заштедиме на било каков вид терапија што може да им олесни на здравствените работници и да спаси животи, изјави Брнабиќ, соопшти Н1.

Според неа, „неразумно е да се имаат истите мерки со вакцините како што сте ги имале пред вакцините“.

-На седницата на Кризниот штаб заедно заклучивме да ваквите мерки, а не фокусот на вакцинацијата, ќе доведат до намалување на бројот на заразени, но после тоа ќе доведе до зголемување на бројот на заразени бидејќи луѓето не се вакцинирале. И дека тоа е само продолжување на целата оваа ситуација, продолжување на оваа агонија. Она за што сега сум сериозно загрижена е менталното здравје на нацијата, кажа Брнабиќ.

Таа повтори дека фокусот е само на вакцинацијата, бидејќи тоа е „единствениот одговор за да се стави крај на сето ова“.

-Имаме доволно вакцини. Имаме четири вакцини, наскоро ќе има петта. Ајде да се вакцинираме и сите да зборуваме исклучиво за вакцинацијата, кажа Брнабиќ.

Таа изјави дека во Србија во овој момент се вакцинирани 2.907.688 лица, што е 54% од полнолетната популација. 2.793.425 лица се ревакцинирани, што е 52 отсто. Третата доза ја примиле 655.370 луѓе или 12 проценти од населението.