Бришењето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ – Битола, од Централниот регистар, ја поткрена температурата во Софија, од каде што одлуката ја сметаат за израз на паника и немоќ и најавуваат дека за ова ќе биде информирана Европската комисија. Во сето ова Бугарија гледа обид за затворање на бугарските клубови во Македонија, иако, за волја на вистината, им беше оставено доволно време да ги променат провокативните имиња и да ги усогласат статутите и програмите со законските одредби во државава за да продолжат со работа. Се очекува, наскоро, во Министерството за правда да биде донесена одлука и за здружението „Цар Борис“ од Охрид, кое поради ненавремено доставување на потполна документација, како што соопштија од Централниот регистар, нема да може да се пререгистрира.

Бугарскиот претседател Румен Радев бришењето на клубот „Ванчо Михајлов“, во Битола од Централниот регистар, го оцени како решение како израз на паника и немоќ.

„Решението е израз на паника и немоќ. Скопје треба да признае дека има македонски Бугари, дека има бугарско присуство во Република Северна Македонија. Не од денес, од вчера туку до векови, од 1.300 година. Има бугарска историја… Забранувањето на имињата на бугарските клубови нема да ја за забрани упорноста на Бугарија и на нашите европски партнери, Република Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот“, рече денеска Радев.

Тој напомена дека впишувањето на Бугарите во Уставот е задолжителен услов за патот на земјава кон ЕУ.

„Се сеќавате дека во мај минатата 2021 година јас за првпат тука го отворив прашањето за правата на македонските Бугари и благодарение на едногодишната упорна работа, бидејќи тука не го разбираа проблемот ниту институциите, ниту нашите партнери, ниту лидерите на тие држави. Благодарение на нашата упорна работа, впишувањето на Бугарите во Уставот веќе е дел од преговарачката рамка, слушнавте што кажаа и европските лидери, тоа е апсолутно задолжителен услов“, истакна бугарскиот претседател Радев.

Од бугарското МНР сметаат дека немало доволно аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија и најавија дека за случајот ќе ја информираат ЕК и сите партнери во ЕУ.

– Силно сме вознемирени од последните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во оваа земја. Институциите во Скопје не изнесоа вистински аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија, изјави вчера заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на бугарското МНР, Костадин Коџабашев.

Според него, институциите во Македонија ја донеле својата одлука само со непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст.

– Македонија, која застапува едно толкување на историјата, со забрана на изразување на различни мислења, дури и ако тие мислења се критички кон наметнатиот официјален наратив, јасно ги прекршува основните принципи на Европската Унија за правата на слободно изразување и слободно здружување. Овие принципи се заштитени со член 10 и 11 од Европската конвенција за човекови права, а Скопје е должно целосно да ги спроведе, без разлика дали се прифатливи за властите или дел од локалната јавност, посочи Коџабашев.

Тој потсети дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Македонија за повреда на чл. 11 од ЕКЧП (правото на здружување).

– Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“, (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред, наведе Коџабашев.

Информираше дека „Бугарија ќе се обрати до Европската Унија за заштита на правата на Бугарите во Македонија“ и потсети дека сè уште чекаат информации и ефикасна правда против сторителите на, како што рече, нападите врз бугарските здруженија.

Претходно и претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Георгиевски, најави дека македонските Бугари ќе се борат против „обидите за ограничување на правото на здружување“ дури и до Судот во Стразбур.

Очекувана е реакцијата на бугарските институции и медиуми, но и изоставањето на фактот дека еднаквите права и слободи за сите граѓани кои Бугарија ги бара во Македонија, не ги дозволува на своја територија. Овој заклучок е наведен и во последниот извештај на американскиот Стејт департмент(СД) за Бугарија, во делот „човекови права – слобода на здружување“.

„Властите продолжуваат да одбиваат регистрација на етничко-македонски активистички групи, како што се Обединета македонска организација(ОМО) – Илинден, Обединета македонска организација-Илинден Благоевград и Друштвото на репресирани Македонци – жртви на комунистичкиот терор, и покрај бројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со негирањата биле прекршени слободата на здружување на групите“, се вели во Извештајот на СД за Бугарија.

Во извештајот се наведува дека како образложение за одбивањето на регистрацијата на ОМО- Илинден Благоевград, судот навел дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското малцинство ќе ја загрозат националната безбедност на земјата, појаснувајќи дека „правото на здружување е основно човеково право, но престанува да биде такво кога го поткопува јавниот ред“. Се додава дека наспроти барањата на македонските здруженија да добијат насоки за поправање на проблематичните делови во поднесоците за регистрација  „властите ги третирале како непоправливи, толкувајќи го законот преку идеолошки објектив што го оневозможувало регистрирањето на организација која ја фокусирала својата активност на етничките Македонци“.

Наспроти ова, во Македонија никој не забрани постоење на бугарски здруженија, туку беше даден тримесечен рок за да ги сменат провокативните имиња и да ги усогласат програмите и статутите според македонските закони, нешто што е забележано и во Извештајот на СД за бугарските клубови во Македонија.

Бришењето на бугарскиот клуб во Битола доаѓа откако минатата недела на истекот на рокот за усогласување министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението. Централниот регистар на Македонија (ЦРМ) вчера информираше дека завчера Министерство за правда до ЦРМ доставило Решение за неусогласеност на  здружението „Културен центар Иван Михајлов“ Битола, а по претходно прибавеното мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности.

„Централниот регистар по приемот на Решението за неусогласеност, а во врска со член 5 од Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации го избриша здружението од Регистарот на други правни лица“, информираа вчера од ЦРМ.

(И.С.)