Судот за спортска арбитража (ЦАС) утре ќе одлучува за суспензија на младата руска лизгачка Камила Валиева, а нејзината судбина доведе до конфликт меѓу новинарите.

Имено, петнаесетгодишната Валиева, која го освои златото во екипниот настап во Пекинг, беше позитивна на забранетата супстанција „триметазидин“ во примерокот земен на 25 декември на руското првенство.

Ден по екипното натпреварување и неколку часа пред доделувањето на медалите, лабораторијата во Стокхолм соопшти дека Валиева е позитивна на „триметазидин“, кој е на списокот на забранети супстанци од 2014 година, поради што доделувањето беше одложено.

Руската антидопинг агенција (РУСАДА) прво привремено ја суспендираше Валиева, но таа поднесе жалба и жалбата и беше прифатена, поради што може да се натпреварува и да тренира во Пекинг, што воедно и го направи во саботата.

Аферата предизвика поделби меѓу новинарите, а некои од нив се соочуваат со сериозни закани. Новинарите Данкан Мекеј и Мајкл Павит од „Inside the Games“ беа меѓу првите кои пишуваа за аферата, а нивните информации се покажаа како точни. Но, тие го навлекоа гневот на руските новинари, јавноста, но и обожавателите на Валиева, кои им се закануваа преку социјалните мрежи.

  • Ќе бидете и вие позитивни кога ќе откриете некои нови супстанции во вашиот чај, му рекол некој на Мекеј.

Ситуацијата меѓу претставниците на руските медиуми и некои новинари од други земји ескалираше, па портпаролот на Меѓународниот олимписки одбор, Марк Адамс, мораше да воспостави ред меѓу нив: „Сите треба да земат средство за смирување“.

Тоа не помогна премногу, бидејќи сите заземаа една страна, објективноста исчезна, а кулминацијата на конфликтот беше во петокот кога еден од британските новинари ја праша младата Русинка по тренингот „дали редовно допингува“.

Валиева не одговори на провокацијата, но прашањето ги налути руските новинари кои веднаш го опколија „натрапникот“, па му порачаа: „Нашите руски новинари можат да те распарчат на парчиња“.