Британската Национална здравствена служба (NHS) започнува со реализација на најголемиот пробен тест на крвта во светот, чии резултати ќе се користат за откривање на повеќе од педесет видови на карцином пред да се појават симптомите.

Тестот „Галери“, развиен од калифорниската компанија, Grail Inc., ќе биде тестиран на 140.000 волонтери во Англија за да се утврди колку е успешен како дел од рандомизирано контролирано испитување. Тестирањето ќе се врши на луѓе на возраст од 50 до 79 години кои немаат никакви симптоми, а тие ќе имаат редовни тестови на крвта еднаш годишно во наредните три години, пренесува Индекс.хр.

Раното откривање може да спаси многу животи

Тестот „Галери“ ќе ја проучува ДНК во крвта за да утврди дали дел потекнува од клетките на ракот. ДНК од клетките на ракот е различна од ДНК од здравите клетки. NHS Англија се надева дека овој тест на крвта ќе биде особено корисен во идентификувањето на оние видови на рак кои во моментов се многу тешки за рано дијагностицирање и лекување, а познато е дека раната дијагноза на ракот резултира со значително зголемување на стапките на преживување.

Раното откривање, особено за ракот тешко се лекува, како што се ракот на јајниците и панкреасот, може да спаси многу животи.

“Треба внимателно да ги проучиме резултатите од тестот „Галери“ за да видиме дали ова може значително да го намали бројот на рак дијагностициран во доцна фаза. Тестот може целосно да го промени процесот на рано откривање на ракот. Многу сме возбудени што ќе ја започнеме оваа важна студија”, рече Питер Сасиени, професор по превенција од рак на Кралскиот колеџ во Лондон.

Ракот на белите дробови е најчеста причина за смрт од рак во Обединетото Кралство и претставува околу една петтина од сите смртни случаи од рак. Според податоците на NHS, ракот на белите дробови, дебелото црево, простатата и дојката се одговорни за 45 проценти од смртните случаи од рак во Велика Британија.