Британскиот и делта сојот во Македонија уништија 5.000 човечки животи, почна вакцинацијата

УШТЕ ЕДНА ГОДИНА ВО ЗНАКОТ НА ЕПИДЕМИЈА НА КОВИД -19 

161

Вирусот само за една година зави илјадници семејства во црно, збриша цел град колку Крушево. Во Македонија пристигнаа и првите вакцини, а во март стартуваше масовната имунизација на населението. Последната недела од декември пристигна и сојот омикрон, а здравствените власти во земјава не воведоа дополнителни мерки за заштита на граничните премини.

 

Епидемијата со ковид-19 и борбата на здравствените работници за секој човечки живот беа главно обележје на 2021 година. Во нашето секојдневие се одомаќинија  зборовите вирус, мутација британска, делта, омикрон, пандемија, вакцинација, ковид-мерки, додека носењето маски, одржувањето на дистанца, дезинфекција на рацете, стана начин на живеење во услови на светска пандемија.

Но и покрај бројните премрежиња што ги поминавме, како и појавата на новата мутација омикрон, само една недела пред крајот на 2021 година, сепак  во Новата  2022 година влегуваме со стабилна епидемиолошка состојба. Оптимизмот доаѓа од податокот  на Институтот за јавно здравје, бидејќи  2021 година ја започнавме со 20.000 активни случаи на ковид-19, а ја завршуваме со  околу 5.000 заразени  најголемиот дел со делта мутацијата.

Во Македонија, во годината што измина, 135 илјади граѓани се заразија од опасниот вирус, но 130 илјади оздравеа. Но ако се анализира од почетокот на пандемијата, од 26 февруари 2020 кога во земјава беше регистриран првиот инфициран случај со вуханскиот сој до денес, вкупно  223  илјади,  лица се заразиле од кои 211 илјади  оздравеа,  а речиси осум илјади наши сограѓани  починаа.

Првиот случај на заразен од британската мутација е регистриран  на почетокот на март 2021 година. Најголем број заболени на неделно ниво од 7.923  се евидентирани во 13-та недела. Институтот за јавно здравје утврдува дека најмногу заразени во  еден ден имало на 30 март 2021 година кога се евидентирани 1.512 лица позитивни на коронавирусот. Најмногу починати во еден ден, се случило  една недела подоцна на 8 април, кога  49 граѓани не се изборија со вирусот.

Епидемиолошката состојба во земјава се стабилизира во јуни и јули, кога немаше ни стотина активни случаи. Но по 2 август, епидемијата се разгорува и почна четвртиот бран, каде што доминираше делта мутацијата. Пикот се забележува   кон крајот на август кога во една недела се инфицирале 6.830  лица.

Во годината што измина речиси 5.000 граѓани завршија со смртен исход, најмногу лица постари од  60 години. Фатален беше вирусот и за  едногодишно детенце, 15-годишена  тинејџерка, но и за уште десетина  лица од 15 до 25 години, кои не успеа да се справат со инфекцијата. Починаа и седум бремени жени и 26 здравствени работници. Македонија со високата стапка на смртност од 3,8 отсто  се најде меѓу првите пет земји во светот по бројот на починати од ковид-19.

Големата  заразност на вирусот и неговите мутации предизвика повеќе од 1.000 наши сограѓани вторпат да се заразат со ковид-19, а две лица и по трет пат.

Во март стартуваше масовната имунизација за заштита од ковид-19. Досега во земјава со една доза се имунизирани околу  850.000, со две дози 830.000, а со трета доза  над 90.000 граѓани. Бројот на имунизирано населени над 18-годишна возраст достигна околу 48 отсто.

(В.Ма.)