Британскиот вирус во торба по шопингот од Врање?!

Ќе има ли нов кластер по отворањето на границите без ПЦР-тестови со соседна Србија, каде стотици македонски граѓани и покрај опасноста од ширење на коронавирусот и неговата мутација, отпатуваа до Врање? Иако испитувањата во МАНУ покажуваат дека кај нас ја нема британската мутација, сепак таа е сè поблиску до Македонија. Новата мутација која се шири со поголема брзина од ковид-19 е откриена во Словенија а ја донел маж од Косово, кој има привремен престој во Словенија и кој се вратил од Белгија. Во Србија беше откриен кај жена од Нови Сад, која со авион пристигнала од Лондон, а здравствените власти во Грција информираа дека досега откриле 32 пациенти со новиот британски сој на корона вирусот. Иако британската мутација на коронавирусот досега во Македонија не е откриена, за што потврда се и направените испитувања во МАНУ, сепак, професорот д-р Никола Пановски не ја исклучува можноста овој тип да е присутен и во земјава.

982

Британската мутација на коронавирусот е сè поблиску до Македонија. Викендов беше откриен кај жена од Нови Сад, која со авион пристигнала од Лондон, а за која е направен ПЦР-тест на крајот на декември. Вчера, пак стигна вест дека и во Словенија е регистриран новиот вид вирус, кај маж од Косово кој стигнал од Белгија.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша објави дека во таа држава е откриен првиот случај на новиот вид на коронавирус кај маж од Косово, кој има привремен престој во Словенија и кој се вратил од Белгија. Белгиските власти биле информирани за овој случај. Како што информираше Јанша, пациентот користел негативен тест за влез во Словенија, иако имал уште еден тест кој бил позитивен, па затоа сега е ставен во изолација и се проверуваат неговите можни контакти.

Британскиот вирус е детектиран и во соседна Грција. Здравствените власти откриле 32 пациенти со новиот британски сој на корона вирусот, од кои 17 позитивни примероци биле откриени во Атина.

И покрај опасноста од ширење на коронавирусот и неговата мутација, неколку стотина македонски граѓани викендов, на првиот ден од отворањето на границите без ПЦР-тестови, беа на шопинг во соседна Србија. Српските медиуми информираа: Туристичките агенции нудеа автобуски превоз од Куманово до Врање и назад по цена од 350 денари, така што Врање, кој е оддалечен околу шеесет километри од Куманово и помалку од стотина од Скопје, викендов беше под вистинска „опсада“од Македонци. Според српските агенции околу триста Македонци викендов го искористија за да ги посетат рестораните и кафулињата во Врање, а „епицентарот“ на патувањето беше продавница во неодамна отворениот хипермаркет на компанијата „Лидл“, каде што за време на целиот ден имало огромна гужва.

Британската мутација на коронавирусот досега во Македонија не е откриена, за што потврда се и направените испитувања во МАНУ од Министерството за здравство. Сепак, професорот д-р Никола Пановски не ја исклучува можноста овој тип да е присутен и во земјава.

-Не можеме да тврдиме дека не е присутен, но и ако е така, во секој случај, не можеме да спречиме да дојде. Второ не е посмртоносен, тоа е многу важно, а повеќе се шири. Не значи дека утре веднаш од Србија ќе почнат да се јавуваат многу случаи. Туку ќе треба неколку недели, месеци за да тој преовладее, ако е тој главниот. Ако се само 10 проценти од вирусот од тој тип нема да се осети. Меѓутоа ако тој преовладее. Ако стане доминантен, не дај Боже, ќе треба други мерки. Ако сега репродуктивниот број е 1 или нешто под 1. Замислете ако денес имаме 400, по две недели ќе имаме 680, па за 5 дена 1.000 случаи дневно. Гледате како брзо се движи. Брзо ќе развиеме колективен имунитет, но ќе имаме и многу голем број смртни случаи како што има сега Велика Британија, ќе се вратиме на 50 смртни случаи дневни, ако се прошири, изјави микробиологот Пановски.

Маските поригорозно да се носат и да се држи дистанца!

И епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски потврдува дека британската варијанта е 35% позаразна од оригиналниот тип, а јужноафриканскиот сој е 75% позаразен.

-Се претпоставува од искуството на Британија дека клиничката слика не е поразлична, но преносливоста е поголема. Ќе заболат повеќе луѓе, веројатно ќе има и повеќе починати. Истите мерки кои се преземаат за постојниот вирус функционираат и за британскиот сој. Треба маските поригорозно да се носат и дистанцата да се држи повнимателно. Ова не треба да не изненадува. РНК вирусите се нестабилни, мутираат

Колку се загрижувачки новите варијанти на ковид-19 во Британија, Јужна Африка и Бразил

Светските научници забрзано ги проучуваат овие мутирани верзии за да сфатат каква закана ни претстои. Велат, не е неочекувано да се појават нови варијанти – сите вируси мутираат со цел да се прошират и да напредуваат.

Постојат повеќе илјади различни верзии или варијанти на ковид-19, а научниците моментално се сосредоточени на мал број нови варијанти на коронавирусот: Британската варијанта стана доминантна во најголемиот дел на Велика Британија и се рашири на повеќе од 50 други држави;Јужноафриканскиот вид е пронајден во најмалку 20 други земји, меѓу која е и Велика Британија и новиот вид – откриен во Бразил. Постои сомнеж дека трите верзии на вирусот би можеле да бидат многу позаразни или полесно да се рашират од претходните видови. Истражувањата покажуваат дека сите три видови имаат измена во шилестиот протеин – кој е дел од вирусот што се лепи за човечките клетки. Токму тоа ги прави повирулентни, односно поуспешни при заразата на клетките и ширењето.

Научниците мислат дека британскиот вид или т.н. „кент“, се појави во септември и дека е до 70 отсто полесен за пренесување или позаразен, иако подоцнежно истражување на Јавното здравје од Англија проценило дека тоа е помеѓу 30 и 50 отсто.

Оваа варијанта доведе до најновите строги мерки за затворање во Велика Британија. Јужноафриканската варијанта се појави во октомври и има повеќе потенцијално важни промени за шилестиот протеин од британската варијанта.

Таа има некои мутации кои се исти како кај британската, плус уште две за кои научниците мислат дека би можеле повеќе да влијаат на ефикасноста на вакцината. Една од нив би можела да помогне вирусот да ги избегне антителата.

Велика Британија воведе забрана за директни летови од Јужна Африка и ограничување на летови кои пристигаат во земјата. На секој што патувал таму сега скоро и секој што бил во контакт им е кажано веднаш да оди во карантин.

Бразилската варијанта се појави во јули и неодамна е пронајдена кај четири патници кои стигнале во Јапонија од Бразил.

Дали вакцините и понатаму ќе имаат ефект?

Актуелните вакцини се правени за раната варијанта, но научниците се уверени дека тие  би требало и понатаму да работат против новите, иако можеби не толку добро. Според д-р Даниловски, засега се дознава дека вакцината на „Фајзер„ и „Модерна“ дејствуваат и на јужноафриканскиот сој на вирусот. И професорот Пановски смета дека најдобра превенција ќе биде вакцинацијата.

-Би требало да дејствува вакцината. Тоа не е докажано , но ако не спречува би требало да предизвикува реинфекции, но тоа не се случува, додаде професорот Пановски.

Вакцините, меѓутоа, го обучуваат телото да нападне неколку делови од вирусот, а не само деловите со шилестиот протеин. Во тек се лабораториски студии кои тоа го проверуваат. Во иднина би можело да се појават варијанти кои се уште поразлични.

Дури и во најлошиот можен случај, вакцините можат да бидат редизајнирани и средени така што подобро да котираат за новите варијанти – за неколку недели или месеци, ако има потреба, велат научниците.

Како и со вакцините против грип, кај кои нова инјекција се дава секоја година за да се покрие секоја нова промена во вирусите на грипот кои се во оптек, нешто слично би можело да се случи и со коронавирусот. Во моментот не постојат докази дека кој и да било од нив предизвикува потешка болест отколку досега.

Мерките како што се миење раце, одржување дистанца од други луѓе и носење маски и понатаму ќе помогнат да се спречи заразата, а поради тоа што новите варијанти полесно се пренесуваат важно е посебно да се биде претпазлив.

Што се презема?

Ќе се појавуваат уште варијанти. Научници од сите делови на светот внимателно следат што се случува и секоја нова варијанта ќе биде проучена и набљудувана.

Истражувачите од Институтот за медицински истражувања во Кенија велат дека сега ги анализираат новите варијанти кои, на пример, се поинакви од британските и јужноафриканските видови. Британскиот министер за развој на вакцината, Надхим Захави, вели дека мерките веќе се преземени да се произведат нови количества со вакцината ако за тоа се укаже потреба. (Е.А.)