Британскиот БДП во ноември опадна за 2,6 отсто, за првпат од април лани

22

Британската економија во ноември опаднала за 2,6 проценти поради обновениот „локдаун“ за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот, што е прв месечен пад на производството од април лани кога земјата за првпат воведе ограничувачки мерки за движење.

Ноемврискиот пад на бруто домашниот производ, објавен од Заводот за национална статистика, е многу помал од просечната прогноза на економистите кои предвидоа дека ќе биде 5,7 проценти, јавуваат британските медиуми.

Банката на Англија проценува дека британската економија во последните три месеци од минатата година ослабнала за малку над еден процент, а со новата блокада, што е на сила од јануари, земјата најверојатно ќе се движи кон удвоена рецесија.

Британската централна банка во ноември ја зголеми својата програма за откуп на обврзници на речиси 900 милијарди фунти, а гувернерот Ендру Бејли оваа недела изјави дека е рано да се каже дали ќе бидат потребни дополнителни стимулации.