Британската централна банка итно интервенираше да спречи економска криза

90

Британската централна банка денеска презеде итни мерки за стабилизирање на домашниот финансиски пазар со цел да се избегне криза на поширок економски план.

Претходно, владата во Лондон на чело со новата премиерка Лиз Трас ги исплаши инвеститорите со програма за даночни намалувања што нема да се компензира со други избори, поради што фунтата драстично ја загуби вредноста и националниот долг се зголеми.

Банката на Англија предупреди дека падот на довербата во економијата претставува „опиплив ризик за финансиската стабилност на Велика Британија“, а Меѓународниот монетарен фонд прибегна кон ретко користена мерка – ја повика Групата седум (Г7) на најразвиените светски економии да се откажат од националните планови за намалување на даноците и дополнително задолжување за покривање на трошоците.

Британската централна банка најави дека во следните две недели ќе купува долгорочни државни обврзници, а мерките се насочени кон долгорочни државни заеми.

Премиерката Лиз Трас објави пакет за економски стимулации кој вклучува план за намалување на даноците од 45 милијарди фунти без ограничувања за трошењето.

Планот опфаќа заштита на домаќинствата и бизнисмените од последиците од поскапувањето на енергенсите.

Овие мерки ги загрижија инвеститорите поради можноста за зголемување на државниот долг и зголемување на инфлацијата, која веќе е на годишно ниво од 9,9 отсто – највисоко во последните 40 години.

По објавувањето на новите мерки, британската фунта во понеделникот падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот.

Приносите на десетгодишните државни обврзници годинава пораснаа за 325 отсто, што драстично ја зголемува цената на напорите на владата да се задолжува за да ги спроведе нејзините политики.