Брзи антиген тестови на aеродромот во Скопје

62

Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради КОВИД-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при Жан Митрев Клиник креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.

Како што информираа денеска од ТАВ Македонија, почнувајќи од неделата, 24-ти јануари, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница „Жан Митрев” е распоредeно пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.

Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.

-Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот, истакнуваат од ТАВ Македонија.