Светското фудбалско првенство во Катар започнува в недела и сигурно е дека и на ова прилично необично издание на најголемото фудбалско натпреварување во светот може да очекуваме многу возбудувања и интересни приказни. Дел од нив, секако, ќе бидат Инаки и Нико Вилијамс, кои ќе играат за две различни репрезентации.

Постариот брат, Инаки, ќе игра за Гана во Катар, додека Нико ќе игра за Шпанија. Инаки летово реши да игра за Гана иако играше за „црвената фурија“ во јуниорските категории и никогаш не доби вистинска шанса во сениорскиот тим.

Од друга страна, Нико успеа да добие покана од Луис Енрике, што беше големо изненадување. Во интервју за шпанскиот весник „Марка“, тој откри дека по тренингот дознал дека добил покана за настап на Светското првенство.

  • Го завршив тренингот и дознав дека сум добил покана. Воопшто не го очекував тоа, затоа не го ни следев пресот. Многу сум среќен и сигурно ќе дадам сè од себе за шпанската репрезентација секогаш кога ќе ми даде селекторот можност.

По тренингот, ги видов членовите на стручниот штаб како се смеат и ми рекоа дека сум добил покана. Се изненадивме кога слушнавме дека и Инаки оди во Катар. Го прегрнав бидејќи сум среќен и горд со него. Не можевме да замислиме дека двајцата еден ден ќе одиме на Светско првенство, а особено дека ќе играме за различни репрезентации – призна Нико.

Нивните родители биле многу горди кога дознале дека двајцата одат на Мундијалот, но се чини дека знаат за кого повеќе ќе навиваат.

  • Мама беше во Гана со семејството кога ѝ кажавме. Беше пресреќна и, секако, многу горда. Никој не можеше да сонува дека ќе се случи тоа еден ден – рече Нико, а кога новинарот праша за кого навиваат родителите, Инаки реши да интервенира.
  • Знам за кого ќе навиваат, ха, ха. Секогаш се со постариот, а се и од Гана – низ смеа изјави напаѓачот на Атлетик.

Инаку, Инаки бил задолжен да се грижи за својот помал брат Нико. Многу време поминувале заедно, бидејќи нивните родители напорно работеле за да им ги обезбедат најдобрите можни услови за живот. Овој 28-годишник не крие дека поради ова, тој и неговиот осум години помлад брат рано созреале.

  • Поминавме многу време заедно. Моите родители работеа, а јас го воспитував и се грижев за него. Многу бараше, но на крајот двајцата созреавме како луѓе доста рано, за што, секако, сме горди. Тука сум да му помогнам, но тој е оној што ги носи одлуките и се грижи за себе сега – вели Инаки, откривајќи зошто одлучил да игра за Гана и покрај тоа што претходно го имаше своето сениорско деби за Шпанија.
  • Веќе имам 28 години. Со години сум околу шпанската репрезентација. На поширокиот список, па секогаш резерва. Играв во квалификациите за ЕП 2016 со Дел Боске, но тоа беше сè. Се појави шансата да играм за Гана и решив да не ја пропуштам. Разговарав со семејството и на крајот решив да играм за Гана. Не жалам и среќен сум што можам да го носам дресот на таа земја. Особено поради дедо ми, кој веќе има 90 години и ова е, можеби, последното Светско првенство што ќе го гледа. Тоа беше само моја одлука и горд сум за тоа.

Гана е во група со Португалија, Уругвај и со Јужна Кореја, а Шпанија ќе игра против Германија, Костарика и Јапонија. Доколку некои работи се решат, може да се случи браќата Вилијамс да играат еден против друг во четврт-финалето на Светското првенство.

Само еднаш се случи да игра брат против брат на Светско првенство, а тоа беше во Јужна Африка, во 2010 година, кога Жером и Кевин-Принс Боатенг играа еден против друг. Жером играше за Германија, а Кевин-Принс Боатенг за Гана.