Бразилскиот министер за здравство во делегацијата на ОН позитивен на ковид-19

38

Марсело Квирога е вториот член на бразилската делегација во Њујорк на кој му е дијагностицирано дека е заразен. Друг член на бразилскиот дипломатски персонал, кој пристигна во градот минатата недела за да се подготви за посетата, е позитивен и се наоѓа во изолација

Бразилскиот министер за здравство Марсело Квирога e позитивен на коронавирусот, неколку часа откако го придружуваше претседателот Жаир Болсонаро на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Квирога, кој се чувствува добро, ќе остане во карантин во Њујорк, а остатокот од бразилската делегација е негативен за вирусот, објави владината канцеларија за комуникации, пренесува Ројтерс.

Министерот за Си-ен-ен Бразил изјави дека носел маска за време на неговата посета на седиштето на ОН.

Жаир Болсонаро, кој е скептик во врска со вакцините за новиот коронавирус, им пркосеше на протоколите на ОН, кои бараа сите учесници да бидат вакцинирани. Во минатото се пофали дека не бил вакциниран.

Обраќајќи им се на другите лидери на 76 -то Генерално собрание, каде што пандемијата е високо на агендата, Болсонаро рече дека неговата влада не ја поддржува употребата на „пасош за вакцинација“ и ја бранеше употребата на лекови за кои се покажа дека немаат ефект врз пациентите со ковид-19, како што е хидроксихлорокин и други антималарични лекови.

Тој ја опиша кампањата за имунизација во неговата земја како успешна и увери дека секој возрасен човек што сака да се вакцинира во Бразил ќе биде целосно вакциниран во ноември.

Бидејќи невакцинираните не смеат да вечераат во рестораните во Њујорк, Болсонару и неговата придружба јадеа пица на улица првата ноќ во градот.

Марсело Квирога е вториот член на бразилската делегација во Њујорк на кој му е дијагностицирано дека е заразен. Кај друг член на бразилскиот дипломатски персонал, кој пристигна во градот минатата недела за да се подготви за посетата, е позитивен  и се наоѓа во изолација.

За време на патувањето на крајно десничарскиот бразилски претседател за средба со поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Мар-а-Лаго минатата година, 22 членови на неговата придружна мисија беа заразени со САРС-КоВ-2.

Жаир Болсонаро, кој го гледа Доналд Трамп како негов политички идол, се спротивстави на наметнување карантин за справување со пандемијата и ретко носи маска.