Бразилскиот Врховен суд даде дозвола за одржување на Копа Америка

25

Врховниот суд на Бразил донесе едногласна одлука дека оваа латиноамериканска држава, и покрај пандемијата на коронавирус, може да биде домаќин на јужноамериканското фудбалско првенство, Копа Америка, што започнува в недела.

Сите 11 членови на Врховниот суд се согласија дека локалните власти на четирите бразилски сојузни држави во кои треба да се играат натпреварите самите можат да одлучат дали ќе бидат домаќини на турнирот. Со оглед дека гувернерите на тие четири држави се сојузници на шефот на државата Жаир Балсонаро, кој се заложи за преселување на Копа Америка од Аргентина и Колумбија во Бразил, одржувањето на турнирот на бразилска почва е повеќе од извесно.

Со оваа одлука, Врховниот суд го отфрли предлогот на Бразилската социјалистичка партија и синдикатот на металците, кои бараа забрана за одржување на Копа Америка поради страв од ширење на коронавирусот.

Бразил во средата регистрираше 2.693 смртни случаи поврзани со заразниот вирус што е највисока дневна бројка од 5 мај.