Бошков: На вишокот работници од државниот апарат да им се понуди самовработување

Еден дел од вработените во јавната администрација не се неработници туку немаат јасно дадени задачи. Сè уште не знаеме кои се тие луѓе на кои ќе им понудиме преквалификации за во приватен сектор, раководната структура ќе ги посочи како места. Тоа се помлади соработници, советници, има позиции без кои државата може. Прво ќе се посочат каско места, а не како имиња, зашто се гледа дека од одредени позиции нема потреба, вели премиерот Зоран Заев

246

Сè уште не се знае на кои вработени во јавниот сектор ќе им се понуди трансфер во приватниот за повисока плата, а списоците ќе ги прават раководителите, но не со имиња туку со работни позиции, објасни вчера премиерот Зоран Заев.

Преминувањето на вишокот вработени во јавната администрација, оценети со најниски оценки во приватниот сектор за повисока плата и преквалификации на товар на државата, е еден од моделите за намалување на гломазниот државен апарат што деновиве го најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Ова наиде на реакции кај граѓаните кои административците ги нарекоа мрзеливи, додека пак бизнисот ја прифаќа со одредени резерви.

Според премиерот Заев, тоа што некои јавни службеници се етикетирани како неработници не значи дека се мрзеливи туку дека немаат што да работат зашто не им се дадени работни задачи.

– Еден дел од вработените во јавната администрација не се неработници туку немаат јасно дадени задачи. Сè уште не знаеме кои се тие луѓе на кои ќе им понудиме. Раководната структура ќе ги посочи како места. Тоа се  помлади соработници, советници, има позиции без кои државата може. Прво ќе се посочат каско места, а не како имиња, зашто се гледа дека од одредени позиции нема потреба, рече Заев,

Тој додаде дека ако државата помогне во квалификациите и понесе дел од трошоците има надеж дека ќе има заинтересирани, зашто 90 проценти од вработените со средно образование во администрацијата се платени со 15.000 до 18.000 денари, додека во приватниот сектор работници со такво образование примаат и до 25.000 денари.

-Ако на целиот процес гледаме низ позитивна призма, ако процесот е транспарентен и нема да има замешано никакви политики, ќе може да се реализира. Имаме прегломазна администрација на која одат многу пари, а приватниот сектор се бори за работници, рече Заев.

Делумна поддршка на идејата дава Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија. Тој во име на Конфедерацијата сугерира на поголем дел од вишокот вработени во администрацијата да му се понуди отворање сопствен бизнис, односно самовработување.

-Наш предлог е Владата да го зголеми Оперативниот план за вработување, односно да обезбеди повеќе средства и да им помогне на овие лица да се самовработат. Треба да биде консултиран и синдикатот, зашто овие лица никако не смета да си одат од работа без испратнина, но да се вклучи и Фондот за иновации и технолошки развој и други институции. Поголемиот дел од вишокот вработени во јавната администрација треба да се обезбеди преку самовработување, а мал дел да преземе бизнисот, зашто мислам дека приватните компании треба да се сконцентрираат на оние 178.000 невработени кои ги имаме во државата, вели Бошков.

Тој смета дека е изводливо самовработувањето, зашто административците имаат свои вештини и знаења кои можат да ги искористат. На пример, посочува тој, ќе има вишок од катастар, од земјоделство и слично. Според него позитивно е тоа што се има намера да се намали јавната администрација, зашто таа е на товар на даночните обврзници.

Овој модел за рационализација и оптимизација на јавната администрација, како еден од неколку во оптек, Манчевски го најави на дебата во рамките на јавната расправа за предлог-измените на законите за вработени во јавниот сектор и за административни службеници, за кои власта ќе бара поддршка од Стопанската комора, синдикатите, граѓанските организации и од опозицијата. Како што најави Манчевски, секоја институција ќе треба да изготви регистар на вработени и да утврди каде има вишок на работни места. На укинатите позиции ќе има забрана за нови вработувања. Ќе се реорганизираат и институциите, на тој начин што некои ќе се укинат, а некои ќе се спојат. Сево ова треба да заврши до крајот на годинава. (С.В.)