Бочварски повикува внимателно да се размисли за одлуката за БРТ системот

74

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски ги повика новите градски власти внимателно да размислат за запирање на постапката за реализација на брзиот автобуски превоз, што го почна Шилегов. Смета дека станува збор за проект што ќе му донесе бенефит на Скопје и поради што во Буџетот за следната година веќе се предвидени 246 милиони денари.

Неофицијално, Арсовска деновиве имала средба со претставници на ЕБОР. – Во наредниот период следат средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што ќе излеземе со конкретни одговори за јавноста, кусо одговорија од Град Скопје

Воведувањето на брзиот автобуски превоз (БРТ) може да донесе само бенефити за Скопје. Оттука најавите што доаѓаат од новата локална власт дека ќе ја запрат постапката која тече за реализацијата на овој проект, треба да се преиспитаат, дотолку повеќе што во Буџетот за следната година, веќе се предвидени 246 милиони денари за воведување на БРТ.

Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски по изјавата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска дека нема да го одобри овој проект што го буткаше нејзиниот претходник, туку дека ќе се фокусира на реализација на нејзиното ветување за кое скопјани и дадоа мандат, а тоа е нови автобуси и бесплатен јавен превоз.

– Јас БРТ не ветив, јас ветив брз навремен и бесплатен превоз и 250 автобуси. БРТ беше на претходниот градоначалник, кој што не беше одбран, што би значело дека граѓаните не го одбраа овој проект. Јас ќе се фокусирам само за она за кое скопјани ми дале мандат – порача Арсовска. 

Бочварски потсети дека проектот за БРТ е планиран неколку години и е одлично оценет од меѓународните експерти дека со него се решава едно големо прашање.

– Согласно одлуките во Град Скопје е поднесено барање во Владата за изнаоѓање средства за финансиска поддршка за што се завршени постапките и се обезбедени средства, а и во Собранието е поминато и одобрено задолжувањето со кредит од 70 милиони евра преку ЕБРД – истакна тој.

Затоа, предлага,  добро е да не се брза со таквите одлуки зашто носи многу бенефити.

– А и не видовме аргументи од другата страна зошто се запира проектот за брз автобуски превоз –  потенцира тој.

Сепак, како што истакна, ако се донесе одлука за запирање на проектот, таа треба да биде поткрепена со студии, анализи и експертски сознанија.

– Сметаме дека Скопје го има надживеано традиционалниот сообраќај и му е потребен алтернативен транспорт за кој веќе се обезбедени средства и е распишана постапка за проектирање и градба. Очекувам во наредниот период да се донесат мудри одлуки. Апелирам да не се брза со одлуката, бидејќи е лесно да се набават нови автобуси, но кога ќе се стават во промет ќе направат дополнителен притисок на сообраќајот – потенцира Бочварски.

Во Буџетот за следната година, како што кажа, веќе се предвидени 246 милиони денари за воведување на брз автобуски превоз во Скопје. Тоа е сообраќајно решение со кои ќе се изгради нов систем на транспорт на патници преку кој значително ќе се намали времето на патување, а од друга страна ќе се намали и сообраќајниот метеж низ градот.

– Би сакал да нагласам дека не станува збор за набавка на нови автобуси, туку за изградба на цела инфраструктура, односно нов систем на транспортна мрежа која ќе биде одвоена од другиот сообраќај. Ќе нуди брз и ефикасен превоз со што за 50 отсто ќе се намали времето за патување и транзитирање, бидејќи најголем удел во вкупниот број на возила што сообраќаат низ градот се патнички возила и тоа околу 80 проценти. Затоа сметаме дека овој нов концепт на транспорт ќе има влијание врз намалување на употребата на возилата, како и на намалување на загадувањето. Повикуваме, Градот Скопје да ја преиспитаат одлуката бидејќи секое отстапување од ваков систем на транспорт, нема да донесе поефикасен превоз во главниот град – потенцира Бочварски.

Инаку, екс-градоначалникот Петре Шилегов три дена пред одржувањето на вториот круг од локалните избори во Скопје, објави дека е распишан тендерот за изградба на првата линија на БРТ системот.

Тендерската постапка објавена на веб-страницата на ЕБОР предвидува заинтересирани компании за учество во тендерската постапка своите претквалификациски понуди да ги достават најдоцна до 14 декември.

Неофицијално, Арсовска деновиве имала средба со претставници на ЕБОР.

– Во наредниот период следат средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што ќе излеземе со конкретни одговори за јавноста – кусо одговорија од Град Скопје.

(С.Бл.)