Бочварски: Владата прави сериозни инвестиции во капитални проекти во општините

24

Владата преку разни буџетски програми прави сериозни инвестиции во капитални проекти во општините, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во Неготино.

Тој изрази задоволство од посетата на неготинска општина и средбата со градоначалникот Тони Делков.

-Разговараме за проектите што ги реализираме со поддршка на централната власт како и тие што се реализираат преку општината. Со капиталните проекти во општините го подобруваме урбаното живеење,  создавајќи подобри услови за живот за сите граѓани, рече министерот.

Заедно со градоначалникот го потпишаа договорот за реконструкција на две улици во Неготино и тоа улиците  „Антигона“ во должина од 1.900 метри и улицата „Едвард Кардељ“ во должина од 560 метри. Тоа  е дел од проектот за санација и изградба на локалните улици и патишта што се реализираат преку Министерството за транспорт и врски. Вкупната вредност за реконструкција на овие улици изнесува 20 милиони денари и се очекува  за десетина месеци комплетно да бидат реконструирани.

-Ова е од особена важност за подобрување на животот на граѓаните за подобра комуникација, за побрз развој на општината и во таа насока заедно со локалната власт продолжуваме да работиме, нагласи Бочварски.

Заедно со градоначалникот извршија увид и во изградбата на социјалната зграда.

-Очекуваме овие 62 станови комплетно да бидат завршени за отприлика месец дена, а потоа Министерството да распише јавен оглас за распределба, информираше министерот.

Тој додаде дека капиталните проекти  се работат со силно темпо.

-Би сакал да потенцирам дека и двата моста што се реконструираат преку ЈП за државни патишта на патниот  правец Лакавица – Неготино   очекуваме до октомври да бидат завршени.   Вкупната инвестиција е речиси два милиона евра. Генерално,  Владата инвестира подеднакво во сите општини, се грижиме за рамномерен развој и продолжуваме со истото темпо. Преку 2,7 милијарди евра планираме инвестиции во патната и железничката инфраструктурата во државата на наредниот период, рече Бочварски во Неготино.

Задоволство од реализацијата на проектите изрази и Делков. Тој соопшти дека во рамки на проектот за поврзување на локални патишта кој се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски, со финансиска поддршка од Светска банка, за подобрување на локалната патна инфраструктура, неготинската општина аплицирала со проект за реконструкција на три улици. Согласно одлуката на Владата на општината и биле доделени средства во износ од 803.480,73 евра.

Делков рече дека општината продолжува со реализација на бројни проекти за подобрување на патната инфраструктура. Со заем од Светска банка, преку Министерството за финансии, биле обезбедени 19.893.030,00 денари за реконструкција на девет улици во градот. Обезбедени биле и средства преку програма на Владата од ТАВ за две улици во Тимјаник и нов резервоар во Тремник, за целосно решавање на проблемот со водоснабдувањето. Градоначалникот соопшти дека со помош на Вардарски плански регион, комплетно е изготвена техничка документација и ревизија за изградба на јужна и северозападна  обиколница во Неготино. Делков додаде дека и со општински пари, ќе се реализираат бројни проекти. Тој упати благодарност до Владата. Затоа што, како што рече, презема активности за подобар квалитет на живот за сите, без разлика каде живеат.