Ботаничката градина да биде обележје на Скопје – одбележан јубилејот 70 години постоење

103

Вкупно 300 грмушки и дрвја од нашето поднебје од кои повеќето засадени пред седум децении, како и 500 алохтони видови донесени од страна, брои Ботаничката градина при Факултетот за природно-математички науки во Скопје.

Ботаничката градина која денеска одбележа 70 години од формирањето, постепено го враќа стариот сјај. Повторно се поставени табличките покрај секое растение за посетителите да прочитаат за кој вид станува збор, се реконструира големиот стакленик, но интензивно се збогатува и збирката автохтони видови.

Како што вели професорката Рената Ќуштеревска, раководител на Институтот за биологија, потребно е време, но и финансии за реконструирање на Ботаничката градина. Последните три до четири години со ентузијастичкиот дух на Институтот се реализираат многу активности поддржани од државниот и невладиниот сектор.

-Секаде каде што сме чукнале на врата и сме објасниле што сакаме да направиме, сме нашле компромис. Постепено почнавме со реконструкција на големиот стакленик и преку различни активности, донации, соработка со невладини друштва, проекти од Општина Гази Баба, успеавме дел по дел да го враќаме сјајот на Ботаничката градина, како што бил пред неколку децении. Во објектот со ендемични растенија почнавме да носиме ретки видови со кои нашето поднебје навистина може да се пофали, со оглед дека сме географски на преод меѓу медитеранска и континентална клима, па имаме многу повеќе ендемични видови од многу европски земји. Но, ова е само почеток за она што планираме да го направиме, изјави Ќуштеревска по повод јубилејот.

Според професорката, целта на Ботаничката градина е посетителите да се запознаат со растенијата кои ги има кај нас, но и да видат видови кои не можат тука да ги сретнат како тропски или дрвенести растенија од азискиот и американскиот континент.

Посетеноста засега е намалена, а причина за тоа е корона-пандемијата.

-КОВИД-панедмијата е причина зошто избегнуваме голему тури. Во 2019 година, пред да почне корона состојбата, не посетија 1.500 уеници од целата држава. Тука одржуваме и едукативни работилници, но покривавме и дел од наставата, рече Ќуштеревска.

Робертина Брајановска од Македонското еколошко друштво вели дека целта на Ботаничката градина е да се популаризира македонската флора.

-Ботаничката градина треба да биде градина во мало што ја отсликува целата македонска флора, но секако и место кое ќе не запознава со други, поинакви видови, нетишни за нашето поднебје. Оваа многу важна институција треба да се развива во насока на заштита на македонската флора преку пресадување на семенски материјал или целосен растителен материјал од природата тука за да може и општата јавност да биде запознаена. Важно е да ја промовираме за да биде вид обележје на Скопје.

Во моментов, МЕД соработува со Ботаничката градина на проект за зачување на пет наши ендемични видови.

Ботаничката градина има вкупно 11 хектари од кои 4-5 хектари се во рамки на ПМФ, а останатите се во парк-шумата Гази Баба.