Заев направи чуда, но мора да бидеме сигурни дека и другите партии во земјата размислуваат на истиот начин, рекол Борисов, загрижен од поделбите за Преспанскиот договор во контекст на ЕУ-интеграцијата.

Ме загрижува поделбата во општеството на Северна Македонија на темата Европска Унија, односно начинот на кој тие го гледаат потпишувањето на Договорот од Преспа. Како што пренесуваат бугарски медиуми, ова го изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов на брифинг со новинарите по разговорите со неговите колеги на вчерашниот самит во Солун, пренесува Дојче Веле.

„Една земја треба да има многу јасна потврда од сите, од целата политичка класа, дека ова е долгорочен пат. Заев направи чуда. Но, ние мора да бидеме сигурни дека и другите најголеми политички партии во земјата размислуваат на истиот начин. Сите знаеме што може да се случи во политичкиот процес. Треба да бидеме сигурни во тоа што ќе сторат во иднина – и Северна Македонија и Албанија“, објаснил Борисов.

Притоа потсетил дека тој процес во Бугарија бил лесен, бидејќи сите политички партии ги прогласиле ЕУ и НАТО за приоритет.

„Мора да се погрижиме да му помогнеме на Заев да го обедини општеството во Северна Македонија на оваа тема. Ние ги поддржуваме нашите колеги со сите сили“, рекол Борисов.

И грчките медиуми опширно известуваат за пораките испратени од вчерашниот самит во Солун, особено за решавањето на прашањето на трговските марки, со кои треба да се направи разлика меѓу производите од Северна Македонија и областа Македонија во северна Грција.

„Со фразата ‘драг Зоран’, грчкиот премиер се обрати до премиерот на Северна Македонија и напомена: ‘Јас сум повторно јасен: Имаме долг да ги ублажиме многуте негативни последици од Договорот што е веќе потпишан. И ние мора да го сториме тоа. Приоритет за Грција е да го заштити името и угледот на Македонија и нејзините производи’“, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Кирјакос Мицотакис.

Грчкиот премиер ги истакнал и забелешките на производителите од Северна Грција, дека се соочуваат со неправедна трговска практика на меѓународните пазари од конкуренти кои нелегално ја користат заштитената географска ознака „Македонија“ промовирајќи „Вина од Македонија“, објави Дојче Веле.

„Овој прекршок мора да се третира во рамките на правилното спроведување на Договорот“, изјавил Мицотакис, потенцирајќи дека веќе бил претставен грчкиот заштитен знак (Macedonia the GReat) кој во иднина ќе ги придружува домашните производи.

Запрашан од медиумите за новата ознака на грчките производи од областа Македонија, Заев  одговорил дека сè уште не ја видел, но напоменал дека постои меѓународна регулатива за тие прашања и изразил уверување дека ќе се најде најдобриот можен начин – пријателски начин, со цел „да се заштитат брендовите, производството, историјата, достоинството, бидејќи тоа го прават пријателите“.

„Ние сме пријатели и мора да продолжиме да бидеме пријатели“, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Заев, кој потенцирал дека неговата земја сака да има пријателски односи со Грција и дека го поканил премиерот Мицотакис да ја посети Северна Македонија. Притоа нагласил дека на состанокот се разговарало за билатерална соработка во економијата, бидејќи Грција е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија и трет по големина инвеститор.