Борел: Целта на вечерата со лидерите од Западен Балкан е да се зајакне ангажманот на ЕУ

104

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, вечерва организира вечера лидерите на шесте земји од Западен Балкан, на која ќе се разговара за процесот на прошриување, но и за геополитичкиот пристап на Европската Унија кон регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Борел кусо се обрати пред новинарите пред почетокот на вечерата со премиерите од шесте земји од Западен Балкан и потсети, како што тоа го рече и минатата недела дека регионот е еден од највисоките приоритети на ЕУ.

За таа цел тој сака од овие вечери со лидерите да направи повторно редовна традиција, за да ги слушне и разбере мислењата на земјите од регионот, а не само да зборува за регионот со земјите членки на ЕУ.

– Сакаме зголемена посветеност кон регионот, тоа е нешто што не се доведува во прашање за било кој што ја разбира динамиката на регионот, истакна Борел пред новинарите.

Тој додаде дека од сите земји членки на ЕУ добил поддршка за засилен ангажман кон регионот и дека тој ангажман оди подалеку од процесот на проширување.

– Денеска е геополитички пристап, не само пристапот на приклучување во ЕУ, иако ќе биде присутен еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Нашата цел е да пружаме рака, да ги слушнеме нивните мислења и да ги разбереме нивните грижи и идеи, и да размислиме како подобро да соработуваме за заедничка иднина, истакна шефот на дипломатијата на ЕУ.