Состојба на „статус кво“ во преговорите меѓу Србија и Косово е неподнослива, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеф Борел. Тој додаде дека преговорите меѓу Белград и Приштина треба да продолжат час поскоро.

-Нема алтернатива за итно продолжување на нормализацијата на разговорите меѓу Белград и Приштина. Србија и Косово мора да создадат атмосфера што е погодна за продолжување на дијалогот, во корист на обете страни, рече Борел како одговор на пратеничко прашање.

На овој начин, тој одговори на прашањето како влијае врз нормализацијата на односите меѓу двете страни што на високи државни функции во косовската администрација се ставени лица осудени или осомничени за воени злосторства.

Пратеникот на француската екстремна десница на Националната алијанса Доминик Билт кон средината на февруари изјави дека косовскиот премиер Рамуш Харадинај поднесе оставка во јули 2019 година, откако беше поканет во Хаг од Специјалниот совет на Косово, додека во 2010 година, Хашим Тачи, претседател на Косово бил предмет на истрага за наводите направени во извештајот на Советот на Европа подготвен од Дик Марти, кои сега добиле своја квалификација, и дека Рустем Мустафа, осуден за воени злосторства, беше назначен за претседателски советник во јуни 2019 година и го добил медалот за „Придонес во борбата за слобода и независност“.

Борел, во писмен одговор, потсети дека за време на неговата посета на Србија и Косово во јануари годинава, тој ја истакнал подготвеноста да ја преземе улогата на посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина во име на Европската унија и дека ќе ја продолжи соработката со сите политички актери во Косово.

Во овој поглед, Борел ја поздрави одлуката на косовската влада да ги укине царините за производите од Србија и Босна и Херцеговина, оценувајќи дека овој потег има позитивни ефекти врз продолжување на трговијата во регионот и обезбедување на проток на стоки потребни за борба против ковид-19.

Шефот за надворешна политика на ЕУ очекува дека, по укинувањето на царината, „ќе има брзо продолжување на дијалогот Белград-Приштина, со цел значително подобрување на меѓусебните односи“ и додава дека назначувањето на Мирослав Лајчак на функцијата Специјален претставник за дијалог и други регионални прашања на Западен Балкан покажува силна желба од страна на ЕУ да продолжи со ангажманот во дијалогот.