Болсонаро се врати во Бразил, но нема да ја предводи опозицијата

53

Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро денеска се врати во Бразил по тримесечен престој во САД, а непосредно пред враќањето изјави дека нема да ја води опозицијата, туку ќе соработува со неговата конзервативна Либерална партија.

Како што јави Би-Би-Си, поранешниот бразилски лидер слетал во Бразилија.

Болсонаро ја даде изјавата на новинарот на Си-Ен-Ен Бразил на аеродромот во Флорида пред да се качи на лет за Бразил, каде што се враќа за првпат по поразот на реизборот во октомври од актуелниот претседател Луис Ињасио Лула да Силва.

„Нема да водам ниту една опозиција. Ќе ѝ помогнам на мојата партија како личност со искуство“, изјави Болсонаро.

Тој рече дека планира да патува ширум Бразил за да ѝ помогне на неговата партија да победи на локалните избори следната година, објави „Ројтерс“.

Десничарскиот поранешен претседател Болсонаро, кого Лула тесно го победи на претседателските избори во октомври, е под истрага и се соочува со правна постапка и можна затворска казна по неговото враќање во својата земја.

Тој го напушти Бразил на 30 декември, а пред истекот на неговиот претседателски мандат, ја бојкотираше церемонијата на инаугурација на Лула на кого требаше да му ја предаде претседателската лента.