Боки 13 бара средба со Јовевски за да му каже сè што знае за Вилма

2185

Рочиштето за “Рекет“ беше прекинато прекинато откако и Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева се пожалија дека не им е добро. Првообвинетиот, на крајот на судското рочиште на судијката Николовска-Масевска, на лист хартија, ѝ предаде на рака напишано писмо до републичкиот обвинител Љубомир Јовески.

-Барам да бидам изведен пред Републичкиот обвинител. Се работи за наводите за кривичните пријави што ги најавив, рече Јовановски потенцирајќи дека, меѓу другото, станува збор и за пријавата за обвинителката Вилма Русковска.

Тој јавно ја обвини велејќи дека има несоборливи докази за корупција тешка 4 милиони евра.

Обвинителката Вилма Русковска и денеска, уште еднаш повика секој кој има сознанија за корупција да пријави. Следното рочиште е закажано за утре.

На денешното рочиште, Боки 13, побара брендираната облека и предметите, кои беа одземени при претрес на неговиот дом во Орман, парче по парче да се презентираат во судот.

Обвинителката Ивана Трајчевска, читајќи ги материјалните докази наброја дека при претресот биле одземени 77 панталони, 50 пара чевли, 15 пара патики, 15 пара чизми, 50 пара очила, три часовника од марката „ролекс”, чанти, украси „сваровски“, познатата златна круна и други предмети. Исто така биле одземени парчиња мебел од брендот „зебрано“, како перници, фотелја, столови, трпезариска маса, а меѓу одземените предмети се и фигура во облик на мајмун и фигура во облик на куче. Одземени му биле и повеќе украсни предмети како лустери, но и телевизорот.

Додека се читаа доказите, обвинетиот Бојан Јовановски рече дека одземањето на облеката е преседан, бидејќи никој досега не бил оставен без гардероба. Меѓу запленетите предмети, кои се опишани на повеќе од 20 страници, има и други докази, меѓу кои и уплатници, фискални сметки, потврди, дописи испраќани преку мејлови…

Но, барањето на Боки 13 беше отфрлено од страна на судијата Васка Николовска-Масевска. Сепак, одбраната упорно бара овие предмети да се опишат, бидејќи во обвинението на Боки 13 на товар му се става и кривичното дело перење пари.

Обвинителката Трајчева рече дека од канцеларијата на Катица Јанева во СЈО одземени се седум УСБ-стикови, еден лаптоп и два надворешни хард дискови. Во домот пак на мајка му Јасминка Јовановска, биле одземени 100 банкноти од по 50 евра, рече обвинителката Трајчева.

Целата брендирана облека и предмети е складирана во Агенцијата за одземен имот, а судот нагласи дека дополнително ќе се утврди на кој начин ќе се презентираат овие докази.

Од Зоран Милески-Кичеец биле одземени мобилни, лаптопи, рачни часовници, документи итн.