Човекот со ангелски глас за прв пат ќе има концерт во Скопје во Македонска опера и балет на 23 февруари, со почеток во 19:30 часот. Инаку Божо вели дека во Македонија доаѓал и порано и тоа во градот Битола и дека и понатаму ќе доаѓа бидејќи тука луѓето се гостопримливи и ги разбираат неговите емоционални песни.

Божо Вреќо – Фото: Петр Стојановски

Инаку, автентичниот уметник и пејач изјави дека иако многу мал го загубил својот татко, љубовта што му ја пружала мајка му вредела како за двајца родители. Таа отсекогаш го разбирала за сè и никогаш не го осудувала за неговите постапки и всушност гледала да го израсне во хармонична средина без да му наметнува свои ставови. Па, така, еднаш таа кога купила фустани за неговите сестри купила и за него затоа што знаела дека тоа ќе го усреќи и затоа што таа е мајка полна со разбирање или како што вели Божо „луѓето не се ценат по изгледот туку според тоа што го носат во срцето“. Сликата за секој човек е внатрешноста на истиот, она што не може да се види со очи, а она кое само со песни и зборови може да се искаже.

Принцот на севдахот вели дека благодарение на својата мајка станал побожен човек. Од неа научил да не биде како другите луѓе кои гледаат да ги исмејуваат другите поради нивниот изглед, гардероба, поради нивниот начин на живот или професија.

Божо е роден во Фоча, мајка му е Црногорка, а татко му Херцеговец, но тој додава дека тоа не е важно кој од каде е важно е да се има верба во бога и дека нашиот живот е проследен со тага и болка кои се дел од секојдневието на секој човек, па така и од неговиот, поради што на неговите концерти публиката знае да заплаче бидејќи се препознава во неговата музика. Но, надежта секогаш постои на која без размислување треба да се потпреме, со солзи во очи раскажуваше Вреќо.

Фото: Петр Стојановски

Тој е дипломиран археолог, а самиот е одговорен за својот препознатлив стајлинг и сценски имиџ кој му помага да се соживее и во женски и во машки текстови, бидејќи музиката не познава полови ниту раси.

А нам ни преостанува да уживаме во неговиот ангелски глас и тоа набргу во февруари кога ќе ни ги испее песните од неговите четири албуми организирано од страна на Авалон.  (Маја.А) – Фото: Петр Стојановски