Божиќна лотарија во Шпанија се претвори во корона лудило: „Тепачка“ за ливчињата со броеви поврзани со коронакризата

153

Фановите на игрите на среќа во Шпанија ги разграбаа тикетите на традиционалната Божиќна лотарија со броеви кои имаат врска со коронавирусот, а меѓу првите беше и бројот што го означи датумот на почетокот на епидемијата во таа земја.

Најмногу учесници на лотаријата се одлучиле за бројот 14.320, што го претставува датумот 14 (03) март 2020 година, ден кога во Шпанија беше прогласена вонредна состојба поради коронавирусот.

„Тој број е целосно распродаден“, вели Боско Кастиљехо, продавач во најпознатиот продажен салон. Десетици луѓе чекале на ред пред овој мал објект во срцето на Мадрид со недели, но откако бројките биле пуштени во оптек, „датумот на вонредната состојба“ исчезна.

“Луѓето масовно ни се јавуваа и бараа 14.320. Отпрвин не разбиравме зошто инсистираат на тој одреден број додека не прашавме еден клиент. Тој ни објасни што значи тој број”, објаснува Кастиљехо.

Имало 60 такви броеви на понуда. “Но, ги распродадовме во првите два дена. Слична е состојбата и во остатокот од земјата”, вели Кастиљехо. „И покрај тоа, сè уште ни го бараат тој број секој ден.

Низ цела Шпанија имало 1720 ливчиња со тој број и сите се распродадени. Во случај на победа, луѓето со ист број ќе ја делат наградата.

Шпанската лотарија е најголема во светот затоа што традиционално ја играат 47 милиони луѓе. Годинешниот награден фонд е 2,4 милијарди евра, а џекпотот познат како „Ел Гордо“ (Дебелиот) се извлекува на 22 декември, два дена пред Бадник.