Богдановиќ: Ќе внимаваме во плановите да се почитуваат нашите заложби!

184

Градоначалникот на Општина Центар не се соглaсува со мислењето на Комисијата при Министерството за транспорт и врски, по поднесените 11 елаборати за 22 плански опфати, дека тие не се во согласност со Законот за урбанистичко планирање. Тој за весникот ВЕЧЕР објасни дека во член 23 од истиот закон е прецизирано кои планови можат да важат и за што се предвидени суспензии, додека во член 35 се нагласува по кои основи може да се побара суспензија.

– Во таа насока ние, согласно член 35 направивме преклопувања на деталните планови со Генералниот урбанистички план на Град Скопје и видовме кои се пречекорувањата. Од Министерството за транспорт и врски велат дека параметрите кои се проверуваа се надминати и дека тие параметри можат да се задоволат, односно дополнат во линиските центри со намена А, Б и В се неограничени и не влегуваат во билансите, со што тој аргумент ни беше побиен. А што се однесува до непреклопувањето на регулациската линија на ДУП со ГУП во мислењето се наведува дека тоа не влијае на јавниот интерес – изјави Богдановиќ.

Тој наведе дека мислењето на Министерството за транспорт и врски укажува на тоа дека сите аргументи на Општина Центар не се издржани, но дека ќе бидат дадени на Советот кој ќе ја донесе конечната одлука.

– Сепак ќе внимаваме и ќе ги искористиме сите законски можности, во тие планови да се почитуваат заложбите на Општина Центар, а тоа е спроведување на нашите политики кои ги имаме зацртано – дециден е Богдановиќ и истакна дека последниот збор ќе го имаат советниците на седницата која ќе се одржи наредната недела.

Инаку, Комисијата укажа на тоа дека елаборатите не содржат конкретни податоци со кои се докажува несомнената штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведување на планот. Истовремено, елаборатот за суспензија не смее да се однесува на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија е лоциран само во дел од планскиот опфат и дека темата на елаборатите е промашена.

(А.П.)