Богдановиќ се уште не го потпишува одобрението за градење

523

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, за весникот ВЕЧЕР вели дека ја чека одлуката на Антикорупциска и барањата на граѓаните кои се и против реализација на проектот „Грант“ кај „Холидеј Ин“, но нема дециден одговор кога тоа би се случило, но најверојатно неделава очекува да добие нешто врз основа на што и би донел одлука во врска со потпишувањето на одобрението за градење

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, неделава ќе го чека изјаснувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со денационализацијата на земјиштето.

Истовремено тој очекува да ги добие двете барања што во вид на петиција ги потпишуваат жителите. Прво жителите на Ново Маало кои се за реализација на проектот за изградба на трите висококатници на паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, како и станарите од зградите на Градски ѕид кои се нивни соседи, а кои најавија дека ќе поднесат тужба пред Меѓународниот суд за човекови права, доколку централната и локалната власт дозволат изградба на висококатница на оваа локација и бараат од повеќе институции да се спречи реализацијата на овој проект.

Богдановиќ во изјава за весникот ВЕЧЕР рече дека по разгледување на мислењето на Антикорупциската комисија и барањата на жителите ќе донесе став за одобрението за градба. Тој немаше дециден одговор кога тоа би се случило, но најверојатно можно е неделава да добие нешто врз основа на што и би донел одлука во врска со потпишувањето на одобрението за градба.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска смета дека последната алатка за запирање на планот е во рацете на градоначалникот Богдановиќ.

– Богдановиќ може да го стопира процесот доколку поднесе барање за суспензија на постојниот ДУП од 2012 година – вели Ивановска.

Асоцијацијата на архитекти вчера преку соопштение се огласи дека е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од ГУП на Град Скопје 2012-2022 година и плановите од пониско ниво кои мора да бидат усогласени со овој стратешки план, вклучително и планот за локацијата кај „Холидеј Ин“.

– Оние наши колеги кои се занимаваат со урбанистичко планирање на просторот, а кои работат спротивно на законски акти од повисок ранг (ГУП), мора да сносат одговорност за таквото постапување, кое е првенствено на штета на јавниот интерес, а е на штета и на етиката, принципите и угледот на нашата струка – велат од Асоцијацијата на архитекти и од Академијата на архитекти.

Од инвеститорите и градежните компании бараат да го градат таму каде што е пропишано и да ги почитуваат законските прописи и советите од архитектите. На локалната самоуправа ѝ порачуваат да ја почитуваат и експертизата од професионалците и да ги вклучат граѓаните во донесувањето на одлуките. На Уставниот суд, кој го укина мораториумот на ДУП-овите во Центар, пак, му порачуваат дека судењето за одлука за мораториум претставува и судење на јавниот интерес.

Вчера повторно жители на Ново Маало предупредија дека се подготвени да излезат на протест и да ја блокираат работата на Општина Центар, доколку не се дозволи изградба на висококатниците на паркингот кај хотелот„ Холидеј Ин“ и повторија дека ќе поднесат тужба до надлежните органи за претрпена штета од 1930 до 2021 година, но и до Меѓународниот суд за човекови права.

– Викендов масовно собиравме потписи за петиција со која бараме Општина Центар и Владата да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот. За само еден ден успеавме да собереме 250 потписи од сопственици на имот и со оваа петиција, даваме целосна поддршка на инвеститорот и најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот – вчера реагираа жителите од Ново Маало.

Тие се крајно револтирани од предлозите за суспензија на планот и притисокот за ова кој го прават луѓе кои живеат во удобни домови, наспроти жителите на Ново Маало кои со децении живеат во нехумано домување.

Од О2 Иницијатива апелираат до Советот на Општина Центар и до Богдановиќ да не ја попречуваат процедурата за поднесување барање до Министерството за транспорт и врски за суспензија на примената на планот С08 „Ново маало 2“.

Притоа, ги прозва советниците да не молчат и да не останат неми пред евентуалното издавање на одобрение за градење. Тие сметаат дека не е невозможно во рок од 12 месеци, доколку би дошло до суспензија на планот да се донесе нов план и на тој начин Општината нема да биде доведена во опасност да обесштетува доколку некој тужи.

Тие како пример го посочуваат укинувањето на еден ДУП во Гази Баба од страна на Уставниот суд во 2019 година, по што за 10 месеци постапката е завршена и е донесен нов план.

Инвеститорот „МГ Фешн“ заедно со МПЦ го поседува земјиштето на една од четирите парцели, додека на другите три градежни парцели има околу 80 приватни имоти на околу 250 сопственици, плус уште една помала парцела на МПЦ од 112 квадратни метри. Практично, овие три парцели сè уште не се продадени, а како што велат некои од сопствениците на непродадените имоти, од 2012 година луѓе од „МГ Фешн“ се обидувале да ги купат, но не постигнале договор.

Игор Стојанов, еден од жителите на Ново Маало, пак, тврди дека сите сопственици на имоти кои веќе ги продале на „МГ Фешн“, како и оние што не ги продале (а тоа се имоти покрај булеварот „Кочо Рацин“) дека ќе бидат обесштетени, за што тие веќе ја потпишале петицијата.

(А.П.)