Богдановиќ: Отстрануваме дел по дел од проектот „Скопје 2014“

76

– Во сите постапки клучна работа беше да го вратиме во управување државното неизградено земјиште, особено за делот во Малиот ринг, односно поврзано со т.н проект „Скопје 2014“. Во изминатиот период се изнаслушав дека сакаме да легализираме делови од „Скопје 2014“. Со новиот предлог-план се прави спротивното, почнува да се стопира и да се брише сè она што било зацртано во тогашниот проект „Скопје 2014“, потенцираше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој истакна и дека во новиот план е избришана обврската фасадите да се прават во барок, класицизам… итн

 

– Предлог деталниот урбанистички план „Мал Ринг 1“ што денеска го презентираме не го правиме за да протуркаме нешто, туку да отстрануваме дел по дел од проектот „Скопје 2014“. Мора да одиме чекор по чекор. Ова го најави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ на јавната презентација за предложениот ДУП, што вчера се одржа во Општината.

Иако се очекуваше жестока расправа, на презентацијата не присуствуваа засегнатите институции, немаше претставници од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ниту пак советници кои претходно бараа поништување на новиот ревидиран ДУП „Мал Ринг 1“. Реагираа само дел од граѓаните за своите приватни парцели кои беа упатени да пополнат анкетно ливче, бидејќи јавната анкета по планот трае до 31 овој месец.

Богдановиќ истакна дека на планот се работи повеќе од една година, а сите работи што се преземени, се направени точно и прецизно без да се направи каква било штета.

– Во сите постапки клучна работа беше да го вратиме во управување државното неизградено земјиште особено за делот во Малиот ринг односно поврзано со т.н проект „Скопје 2014“. Во изминатиот период се изнаслушав дека сакаме да легализираме делови од „Скопје 2014“. Со новиот предлог план се прави спротивното, почнува да се стопира и да се брише сè она што било зацртано во тогашниот проект „Скопје 2014“ – потенцираше Богдановиќ.

Тој напомена дека тоа што во претходниот план беше наведено дека фасадите треба да се градат во барок, класицизам…итн, со новиот план е избришано.

– Претходно, имаше реакции дека сите објекти личат на шампити, стиропор и гипс. Сега повеќе го нема тоа – истакна Богдановиќ.

Тој напомена дека е изнајден механизам  да се поништи одобрението за градба на катната гаража кај Собранието, но поради постоењето на судски спор таа не може да се избрише.

– Доколку се избришат маркиците за објекти за кои има судски спор, тоа ќе значи уништување на докази, затоа тие стојат и во овој план, а ќе треба да се платат огромни милионски суми за отштета. Не можеме со еден план да избришеме сè, одиме чекор по чекор – потенцираше Богдановиќ.

Исто така, од планот се избришани трите галии кои не видоа бел ден бидејќи не се изградија, а Градот почна постапка за раскинување на договорите со сопствениците на две од трите постоечки галии.

Во ревидираниот ДУП „Мал ринг“ повеќе ги нема и скалите од објектот „Шпански скали“ кои ќе зафатеа дел од Градскиот плоштад, но објектот останува поради судската постапка која е во тек. Исто така, отстранета е и катната гаража во внатрешноста на блокот зад зградата на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“.

– Споменикот на Мајка Тереза, на спојот на улица „Орце Николов“ и плоштадот „Македонија“ останува бидејќи има активно одобрение за градба. Се чека Министерството за транспорт и врски да го поништи одобрението и тој да се урне, а останува и катната гаража зад Собранието, затоа што за неа се води судска постапка. Исто така, нема да може да се прошират објектите од „Сити Галери“ до ГТЦ врз јавниот простор со доградба и надградба, на начин како што е проширен „Сити Галери“, а истото важи и за зградата на Метропол – објасни Богдановиќ.

Со новиот план, онаму каде има парцели во државна сопственост, или доминантно државна сопственост, се предвидува или зеленило, или објекти од културата кои недостасуваат, или државни институции, наместо домување како претходно.

Од целиот кварт, само улицата „Димитрие Чуповски“ е решена како класична улица со коловоз и тротоар. Во остатокот, пешаците би имале предност, а влезот на возила ќе биде регулиран. Под плоштадот „Македонија“ е предвиден подземен паркинг на две нивоа кој ќе има приоди од улиците „11 Октомври“ и „Максим Горки“.

Планерката Елена Тргачевска Андреевска од ИНПУМА, образложувајќи го планот, потенцираше дека тој е со вкупна површина опфатена со ДУП е 37,39 хектари. Таа истакна дека собирните улици се целосно преземени од ГУП, а дефинирана е мешовита намена А, Б и В, домување, комерцијални објекти и јавни институции. Границата на зафатот на овој план е дефинирана: на запад по оската на булеварот „ВМРО“, на југ, по оската на улицата „Даме Груев“, на исток по оската на улицата „Филип Втори Македонски“ и на север по оската на река Вардар.

Во пресрет на денешната презентација, вчера Асоцијацијата на архитекти на Македонија побара од градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и претседателката на општинскиот совет Цветанка Симобовска да го повлечат и преработат Предлог детaлниот урбанистички план. Според ААМ, станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот. А повлекување на планот побара и советничката од СДСМ Јана Белчевска-Андреевска, поранешена претседателка на Советот на Општина Центар.

(А.П.) Фото: (П.С.)