Богдановиќ и жителите не го даваат паркингот кај „Авто Македонија “ за катна гаража

226

Градоначалникот Богдановиќ им вети на жителите на околните згради дека на паркингот нема да се гради катна гаража. Тој со докази ќе го оспорува извршното решение на фирмата „Никофон“ која го презема во владение просторот и таму сака веднаш да почне со градење на катна гаража

 

На паркингот кај „Авто Македонија“ нема да се гради катна гаража. Ова на жителите на околните згради вчера им го вети градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ кој изјави дека пред надлежните институции ќе ги извади сите докази со кои располага, наведувајќи дека не само што е спорен начинот на кој е менуван планот со кој во 2012 година е зацртана маркичката за овој објект, туку и самиот договор.

Ова ветување, Богдановиќ го даде откако фирмата „Никофон“ со извршно решение го презема во владение просторот кој сега се користи како паркинг, а има и градежна дозвола издадена во 2014 година и може да почне со градбата.

 

За Богдановиќ е спорна самата јавна лицитација, бидејќи почетната цена според законот се формира согласно намената.

– Во овој случај имаме 70 отсто катна гаража, а 30 отсто деловен објект. Со тоа треба да добиете почетна цена која е околу 5.000 денари, а овде била 1.800 и со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен, бидејќи со тоа е оштетен и буџетот. Има и злоупотреба на службената должност, за што општината поднесе две кривични пријави во Обвинителството, но и граѓаните имаат поднесено кривични пријави против тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски кој ја дозволи оваа продажба, против тогашниот градоначалник Владимир Тодоровиќ и против правобранителот. Но, досега тие не се процесуирани. Затоа, ќе притиснеме во обвинителството за да видиме кој ги држи и зошто досега не се процесуирани – истакна Богдановиќ.

Горан Мисовски, еден од жителите во околните згради и потпретседател на Собранието на СРМ, потенцираше дека овој паркинг е на граѓаните што становите ги купиле во седумдесеттите години.

– Тогаш државата гарантираше дека со секој купен стан ќе ни биде обезбедено паркинг место. Сега некој од претходната Влада ценел дека ќе може да профитира и одлучи да го продаде, со тоа што се пријавил само еден кандидат, а тоа е „Никофон“ и тоа за 30 евра за квадратен метар, односно за вкупно 127.000 евра. Ова е дел од проектот „Скопје 2014“, се работи за насилнички акт, што е рецидив од минатата владејачка гарнитура – истакна Мисовски, додавајќи дека кога „Никофон“ го платил земјиштето му понудиле да го откупат и да го преземе општина Центар, но тој рекол дека веќе зел кредит од 300.000 евра под хипотека – вели Мисовски.

И тој реагираше за тоа што кривичните пријави што стојат во Обвинителството не се процесуираат.

Градоначалникот Богдановиќ потенцираше дека на ваков начин ќе се уништи ова последно слободно место, а граѓаните ќе бидат угушени.

– Земјиштето беше продадено во 2012 година на лицитација од страна на тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакаиевски, со намена на катна гаража висока 29 метри. Тогаш имаше неколку обиди да се започне со изградба на објектот, проследени со инциденти. Поради тоа, општината поведе судски спор заради нарушено владение, додека „Никофон“ поведе постапка за преземање на земјиштето во владение, а судот му го додели – објасни Богдановиќ.

Тој додаде дека откако „Никофон“ го презел земјиштето од државата, општината почнала да ги детектира сите недостатоци, како во менувањето на планот, но и самиот договор и смета дека може да се изрече времена мерка додека не се расчисти случајот. Богдановиќ образложи дека не можеле да ја избришат маркичката за катната гаража бидејќи има правни дејствија, дури кога тие ќе завршат ќе може да се реагира.

– Затоа, сакаме да апелираме до надлежните институции ако се утврди дека сме во право да се раскине договорот и земјиштето да се врати во владение на државата, а потоа да им се отстапи на граѓаните за паркинг простор, каков што е сега – дециден е Богдановиќ.      

Тој имаше и средба со жителите од околните згради, а беше видно присуство и на полицијата, заедно со извршители, но и сопственикот на „Никофон“’, Никола Настески, кој како што истакнаа од општина Центар до крајот на неделата ќе побарал асистенција од „пајак-службата“ за да се кренат возилата, за да може да се почне со градбата.

Од Настески ни беше ветено дека писмено ќе ни одговори на прашањата околу изградбата на катната гаража, но до затворањето на весникот тој тоа не го стори.

(А.П.) – Фото: Ѕ.П.