Богдановиќ: Ако има основа, ја охрабрувам Антикорупциска да покрене што е можно повеќе предмети

38

Рокот за изработка на елаборатите за суспензија на ДУП во Општина Центар, вклучително и за оној кој го опфаќа и паркингот спроти „ Холидеј ин“, каде треба да се градат висококатниците почна да тече согласно новиот заклучок донесен во понеделникот од Советот на Општина Центар.

-Во рокот се наведени 12 работни дена да се дополнат елаборатите, бидејќи очигледно имавме одредени пропусти. Пред неколку дена имавме активирање на банкарска гаранција и покренување постапка за раскинување на договор – истакна градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и додаде дека веќе за некои постапки каде што се гледа дека се постигнува целта на претходно продадено земјиште, па можеби издадено одобрение преку постапка која е започната може да се постигне многу поголем успех, отколку да се направи суспензија која утре некој може да ја искористи и врз основа на тоа да ја тужи Општината и да добие отштета.

-Во најскоро време ќе објавиме за кој дел станува збор. Штом ќе се надополнат елаборатите, истите ќе бидат поднесени и ќе мораме да имаме предвид дека освен тоа што сакаме да го постигнеме како корекција при суспензијата треба да бидеме внимателни да не правиме штета – изјави Богдановиќ.

Тој рече дека временски не зависи од Општината, туку од завршувањето на сите постапки.

Богдановиќ додаде дека досега не слушнал дека се поведени постапки од Антикорупциската комисија против него, но посочи дека ги охрабрува да покренат што е можно повеќе предмети.

– До нас се дојдени одредени иницијативи, претставки, поведени се одредени постапки од Антикорупциската комисија. Не сум слушнал дека некој предмет е отворен или пак се најавува. Напротив, јас ги охрабрувам да покренат што е можно повеќе предмети, бидејќи доаѓаме до една ситуација каде што Општината три години менува нешто и прави и цело време апелира дека некој претходно донел планови кои предизвикуваат правни дејствија и дури некој се сетил да отвори некакви постапки. Ги охрабрувам и ние сите расположливи документи ги имаме доставено до Обвинителство, Антикорупциска и Финансова полиција. Доколку утврдат какво било прекршување и штета, а тоа се докаже и во обвинителниот акт и судот го потврди тоа, уште поголем аргумент е и на друг начин да може да се суспендира – рече Богдановиќ.

Тој додаде дека Општина Центар не е истражител, не врши истражни дејствија, туку само дава индикации.