Бобан нема трпение, Милан пука по шавовите

100

Иако се одиграни само три кола во новата сезона од италијанската Серија А, ситуацијата во редовите на Милан е далеку од идеална. Новиот тренер Марко Џампаоло не покажува дека го има тоа што е потребно за да биде предводник на седумкратниот европски клупски шампион и поради таа причина расте нервозата во „Миланело“.

За време на подготвителниот период италијанскиот стручњак ја форсираше формацијата 4-2-3-1, но новата сезона ја стартуваше со формацијата на 4-3-3 и на тој начин прешкрта се што се работеше за време на подготовките. Најверните фанови веднаш го подигнаа својот глас, а после трите одиграни натпревари, незадоволство од работата на Џампаоло демострираа и раководните лица.

Како што пишува „Калчомеркато“, најгласен во критиките е техничкиот секретар на „росонерите“, Звонимир Бобан, кој призна дека не е задоволен од фактот дека на трите одиграни натпревари шанса не добиле летните засилувања, освен Анте Ребиќ, кој го одигра второто полувреме на гостувањето во Верона.

Италијанските медиуми открија дека односот помеѓу тренерот на Милан и Бобан е на тенок мраз и дека тоа преставува голем проблем кога е во прашање иднината на Милан. Ситуацијата може да добие сосема поинаков тек доколку Милан одигра како што треба на следните првенствени дуели, првенствено на саботниот дерби натпревар против градскиот ривал Интер.