„Блумберг”: Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ  

125

ЕУ најверојатно ќе го одобри започнувањето на официјалните преговори за пристапување со Албанија и Северна Македонија следниот месец, сметајќи дека со тоа ќе се стабилизира проблематичниот дел од Балканот, објави „Блумберг“.

„Имајќи го предвид напредокот постигнат во реформите“, на состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург на 15 октомври ќе биде решено да стартуваат преговори за пристапување со владите во Тирана и во Скопје“, стои во интерниот нацрт-извештај што во петокот бил поделен меѓу министрите, а до кој дошол и „Блумберг“.

Иако оваа формулација може да се смени, објавува „Блумбег“, минатиот таков извештај не содржеше препорака за старт на преговори. Сличен притисок за отворање на преговори за пристап се случи во јуни, кога земјите како Франција, Холандија, Германија и Данска се спротивставија на тоа да се почнат пристапни преговори.

Владите од западните земји-членки на ЕУ се разочарани од неуспехот на некои источни нации, кои се приклучија на блокот од 2004 година, да го поддржат владеењето на правото и да се борат против корупцијата, па затоа се претпазливи да примат нови членки, пишува „Блумберг“.

„И покрај тоа што преговорите за пристап траат со години – или дури децении, како во случајот со Турција – и нивниот заклучок не е загарантиран, започнувањето на процесот е победа за владата на Северна Македонија. Таа го инвестираше најголемиот дел од својот политички капитал во Договорот со Грција за промена на уставното име, со надеж дека тоа ќе го отвори патот за членство во ЕУ“, објави „Блумберг“.

„Блумберг“ се осврнува и на моментот дека новата Влада во Грција не е среќна со Договорот од Преспа и дека настојува да го поништи заради потребата за континуитет во меѓународните договори, но медиумот посочува дека текстот во нацрт-коминикето до кое дошол „Блумберг“, а кој “силно го поздравува историскиот Договор од Преспа”, може да предизвика реакција во Атина, бидејќи гласачите на повеќето владејачки партии се против овој пакт.