Блумберг: До лето 70 отсто од возрасното население во ЕУ ќе биде вакцинирано

20

Европската унија проценува дека најмалку 70 отсто од возрасната популација на Унијата до лето ќе биде вакцинирана, јави Блумберг.

Новата стратегија на ЕУ за вакцинација се очекува утре да биде претставена пред Европската комисија.

До март 2021 година државите членки треба да вакцинираат не помалку од 80 отсто од здравствените и социјалните работници и луѓето постари од 80 години, а до лето мора да се вакцинира најмалку 70 отсто од возрасната популација, се наведува во документот.

Согласно проекциите во проектот, до крајот на јануари ЕК со земјите-членки ќе го усогласи протоколот за вакцинација, што треба да биде признат и употребен во системот за здравствена заштита на Европската унија и да се применува на глобално ниво по консултациите со Светската здравствена организација. Ваквите сертификати ќе можат да ги заменат барањата за карантин и тестирања, пренесе Блумберг.

Претходно, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека создавањето на сертификат за вакцинација, што ќе биде взаемно признат од земјите на ЕУ, е медицинска потреба, потврдувајќи ги препораките на СЗО. Досега, меѓутоа, не е решен правниот аспект на ваквиот документ.

Шефовите на држави и влади на ЕУ, на 21 јануари ќе одржат вонредна видео-конференција на на која ќе се дискутираат прашања за вакцинацијата, вклучувајќи го и прашањето за сертифицирање и систематското доцнење во снабдувањето со вакцини од страна на „Фајзер“, поради проблеми со логистиката и недоволниот капацитет за производство.

Потпретседателот на ЕК, Марош Шефчович, денеска изјави дека земјите членки на ЕУ работат на создавањето електронска база на податоци за нивото на имунитет против Ковид-19 и на развојот на сертификат за вакцинација признаен од сите земји.