Блинкен: Сегашниот конфликт меѓу Русија и Западот е нешто многу поголемо од Украина

294

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во видео интервју синоќа за весникот Волстрит журнал изјави дека сегашниот конфликт меѓу Русија и Западот „претставува нешто многу поголемо од Украина“, бидејќи Москва го предизвикува востановениот меѓународен поредок.

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот имаше двочасовна видео конференција со рускиот претседател Владимир Путин. Блинкен укажа дека оваа средба треба „да изврши влијание на пресметките на претседателот Путин“.

-Мислам дека јасноста со која претседателот ја изложи нашата загриженост, но и последиците, а исто така и правилниот пат пред нас, треба да наиде на одговор кај претседателот Путин, истакна Блинкен.

Русија бара од Запад безбедносни гаранции и да се стопира приемот на нови членки на НАТО на исток, такви како Украина.

-Ние дадовме јасно до знаење дека вратите на НАТО остануваат отворени и ќе бидат отворени за сите кои сакаат членство и можат да ги исполнат условите, одговори Блинкен.

Додаде дека ова „претставува нешто многу поголемо отколку Украина“, бидејќи со тоа се допираат основните принципи како функционира или треба да функционира меѓународниот систем“.

-Ние јасно го изразивме нашето стојалиште – не прифаќаме кога една земја наредува на друга каков треба да биде нејзиниот избор, на пример изборот да се вклучи во разни организации. Неприфатлива е промената на границите, затоа што тоа го поткопува меѓународниот систем … Ако тие основни принципи се оспоруваат а тоа се прави без казна, тоа го поткопува системот. Затоа, ова е нешто поголемо и од самата Украина, коментираше Блинкен.

Државниот секретар укажа дека ако Русија е загрижена за безбедноста „тие секогаш можат да ја изразат и ние секогаш сме спремни да дискутираме за тоа“.

-Но понатамошната воена помош на САД за Украина, нејзиниот карактер и големина, ќе зависи од тоа што Русија прави во однос на ескалацијата и во однос на тоа дали врши нови агресивни дејства против Украина.