На денот на празнувањето на Христово Вознесение -Спасовден поставен е нов крст на врвот на новата камбанарија во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

„Домот на Победоносецот во Рајчица денес има двојна причина за слава: радосно празнувајќи го спасителното Христово Вознесение, го умножи ликувањето кога крсното знамение се издигна високо на небото и заблеска со победоносни зраци на врвот на новата манастирска камбанарија. Новиот крст, висок повеќе од два метри, излеан во месинг, има како основа котва – што симболично ја означува надежта на Христијаните, а околу краците е со декоративна изобразба на кормило кое ни ги покажува правецот на крстовоскресниот живот, на распетието, а потем – и на воскресението“ – информираше сестра Ефимја од овој познат женски манастир.

На самиот чин на поставувањето на новиот крст присуствуваше и владиката Партениј.