Ако ја читате биографијата на македонскиот костимограф Благој Мицевски ќе забележите дека тој повеќе работел на светски сцени, отколку дома. И тоа со врвни имиња од театарот, танцот, операта.

Големите признаваат дека тој го дава тој “final touch”  на делото без разлика дали е театарска претстава или балетски спектакл – дефинитивно ништо од тоа што тој го работи не се заборава.

Сега, воопшто не е среќен со состојбите во македонската култура, па работи таму каде ни корона, ни уловите за работа, ни политика не влијае на уметничкото творештво – во театарот “Драма” во Љубљана на претставата “Крајот на играта” од Бекет, во режија на Диего Де Бреа, на “Паравани” од Жан Жене во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на Унгарскиот театар од Нови Сад и во Белградско драмско. А се што тој направи надвор од нашите граници, на странските сцени наскоро македонската публика ќе го види на изложба, низ фотографии.

-Во мојата долгогодишна кариера, оваа година најверојатно ќе ја паметам како прва без ниту еден ангажман во македонските театри.

Ковид кризата многу негативно влијае на работата во театарот или подобро речено скоро и да ја оневозможи. Се плашам дека ќе остави и подолгорочни последици.

Што се однесува на другите причини, тие ги има многу и траат веќе подолго време.

Тешко е да се најде мотив и причина за работа во овие околности, потоа условите за работа од година во година се се полоши, а нема ни критична маса која вложениот труд ќе го анализира и вреднува.

Да не го заборавиме и политичкиот момент кој за жал е и доминантен, па делењето на наши и ваши, бивши и сегашни или подобни и неподобни, веќе си го зема својот данок на начин што целата култура ја провинцијализира.

Важно е само на кој било начин да се добие работата, а не е важно кој што и како работи. Во такви услови тешко се доаѓа до работа, но за волја на вистината работа тука и на овој начин, не ми недостасува многу, вели Мицевски.

Повеќе од двасетина година неговите уметнички костимографски решенија се дел од успешни, големи театарски претстави направени од врвни режисерски имиња во Европа и пошироко. Така е и сега, во моментов.

-Крајот на годината ќе го завршам со три премиери. Првата е претставата “Паравани” од Жан Жене во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на Унгарскиот театар од Нови Сад. Исклучително инспиративен текст, одличен ансамбл од 23 актери и режисер со кого неколку пати сум соработувал и порано. Премиерата е закажана за крајот на месецов.

Потоа работам на претставата “Крајот на играта” од Бекет, во режија на Диего Де Бреа, а во продукција на најдобриот театар во регионот, “Драма”, Љубљана. Со особено задоволство често работам таму затоа што условите за работа се идеални, сите имаат професионална позитивна енергија и работат на тоа се да се доведе до перфектно ниво, без разлика кои се авторите на претставата. Премиерата е закажана за средината на идниот месец.

Исто  така посебно се радувам на мојата прва работа во Белград каде до крајот на годината треба да се случи претставата “Баал” во Београдско драмско.

Неговиот костимографски ракопис е единствен кога во прашање е танцовата сцена.

-Мојата врска со танцот се претставите на Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар. Успеавме и годинава да имаме премиера на “Охридско лето” како и во Скопје, на “Танц-фест”. Во годините наназад токму на тој фестивал сме имале премиери со повеќе кореографи од странство како и младите кореографи кои носат свој специфичен сценски јазик и естетика, што посебно ме радува. Сепак повторно како идеал би ги набројал претставите со Рисима во Лајпциг, Ротердам, Љубљана и посебно соработката со Националниот балет во Анталија.

Работата на костимите за танц е навистина специфична и бара посебно внимание во однос на изборот на материјали и функционалноста на истите. Би сакал да има повеке балетски претстави заради нивниот универзален јазик и експресивност- вели тој.

Мицевски вели дека не заинтересиран за класичниот балет, но со посебно задоволство работеше на опери во Љубљана и Братислава, кои имаа многу современ визуелен сценски јазик.

-За жал публиката нема можност да ги види кај нас па затоа подготвувам голема изложба со фотографии од проекти што последните 10 години сум ги работел во странство.

Иако неговата работа секогаш е младешки свежа, бескрајно креативна и многу често авангардна, сепак, имајќи го предвид извонредно големото искуство и знаење, упатените очекуваат дека ќе го пренесе на младите креативни луѓе кои допрва треба да учат, а имаат од кого.

-Јас некако и низ годините наназад се опишував како театарски работник. Моето портфолио содржи непристојно многу претстави и дури 15 награди за мојата работа. Секогаш ме интересирало да се случи одлична претстава и се радувам што сум бил дел од многу такви. Без разлика дали сум работел претстави, балети, филмови или опери сум се обидувал да го внесам тој современ момент кој можеби предизвикува чудење, воодушевеност па дури и недопаѓање, на некој свој специфичен начин заради кој едни секогаш одбираат да работат со мене, а други никогаш.

Посакувам да имам можност да го пренесам своето знаење и на идни генерации уметници. Се обидував своевремено во средното Текстилно училиште во Битола, неуспешно. Кратко време го предавав практичниот дел на отсекот за костимографија на ЕСРА, не бев во можност да предавам на Технолошкиот факултет во Скопје, од објективни причини, но во моментов сум во преговори за едукативна работа на Факултетот УКИМ во Штип, се надевам дека тоа ќе се случи и некако ке ја заокружи мојата уметничка кариера.

Би сакал да напоменам дека често, па дури и сега, несебично сум помагал и промовирал колеги но и други уметници, секогаш кога сум имал прилика за тоа, ни рече костимографот Мицевски.

 

Кога  короната запре се, се појави “Ангел”

 

Мицевски смета дека условите за работа на неговата матична сцена-Битолскиот театар се генерално комплицирани и се одвиваат по протоколи, како и  насекаде.

-Годината ја започнавме одлично и многу често ја игравме мојата последна претстава “Аудиција” која имаше одличен прием кај публиката. За жал короната запре се, па неколку месеци мојот фокус беше мојата модна линија, “Ангел”.

Минатиот месец се играа камерни претстави на радост на актерите и публиката, но со оглед на неколкуте заболени играњето е повторно стопирано, а се подготвуваат две нови претстави. Целата ситуација е нова за сите и сигурно е дека тешко се снаоѓаме, сигурно е дека можеше и поинаку и подобро.

Се надевам дека се ке помине и дека наскоро ке се вратиме со повеке претстави и публика. Во преговори сме за нова претстава која би се реализирала идната година а во соработка со Францускиот културен центар

Лилјана ГРЏО ДАМОВСКА