„Кога се преселив во Шведска пред 15 години почувствував огромна потреба да направам еден стил на музика кој ќе биде разбирлив на интернационално ниво, но истовремено да ги зачувам моите музички корени“, вели Ламњов, кој оваа сезона е единствениот странец кој работи во најголемата продукција на театарот на град Стокхолм, во мјузикалот “Fiddler on the Roof“. Тој во Шведска го издаде и својот прв музички албум “Nostalgic Love“, кој се состои од инструментална музика инспирирана од македонскиот фолклор, зачинета и со други стилови на музика, а сето тоа изведено со класичниот тон на кларинетот.

Вие сте Македонец кој својата музичка кариера ја гради во Малме, Шведска.  Како се случи Вашето заминување од Македонија?

Пред моето заминување од Македонија учев во средното музичко училиште во Штип и во основното музичко училиште во Велес. Високото образование го започнав во Скопје на Факултетот за музичка уметност, но по втора година одлучив да се преселам во Шведска и да почнам на факултет од почеток. Бев примен на музичката академија на Малме при универзитетот Лунд, каде што студирав четири години. Потоа се преселив во Соединетите Американски Држави и студирав вкупно на три универзитети: Michigan State University, Roosevelt University, DePaul University. Живеев една година во Мичиген и четири години во Чикаго.

Како се снаоѓате како Македонец во Шведска. Каков е односот на институциите кон Вас како музичар од друга земја и дали сте задоволен од престојот и условите за работа?

Јас имам само најубави критики и искуства со шведската нација и оваа земја. Никогаш не сум почувствувал поразличен однос од тој кој го добиваат родените во оваа земја. Оваа сезона сум единствениот странец кој работи во најголемата продукција на театарот на град Стокхолм, во мјузиклот Fiddler on the Roof (Свирачот на покривот), и не само што сум прекрасно прифатен туку имам чувство дури и како да сум еден од омилените колеги покрај речиси стотина актери, музичари, и сите останати што работат во оваа претстава. Цврсто верувам дека човек треба да покаже почит и ги прифати нивните правила, пишани и непишани, да за возврат добие коректен и пријателски однос.

Зошто го одбравте токму кларинетот како инструмент и каде сè сте настапувале до сега?

На 9-годишна возраст бев примен во основното музичко училиште во Велес и на денот на приемниот испит им се обратив на жири-комисијата со следните зборови: „Сакам да свирам како бато!“. Слушајќи го во тие детски години убавото музицирање на овој инструмент од страна на мојот постар брат, за мене не постоеше друг инструмент поубав од кларинетот. Покрај тоа, ова е еден од најпопуларните инструменти во светот. Првата моја турнеја се случи на 13-годишна возраст. До сега сум настапил во половина од европските земји, во Канада, имав дваесетина концерти низ Кина, десетина низ Јапонија. Сум настапувал и живеел пет години во Америка.

Издадовте и свој прв албум насловен „Nostalgic Love”. Кажете ни нешто повеќе за албумот.

„Nostalgic Love“ е мојот прв музички албум, а се состои од песни без зборови (инструментална музика) инспирирани од македонскиот фолклор, на некој начин зачинет и со други стилови на музика и сето тоа изведено со класичниот тон на кларинетот и принципи на класичната музика. Најголем дел од материјалот се мои композиции, но во мал дел користам и македонски традиционални мелодии. Целиот процес започна кога се преселив во Шведска пред 15 години и почувствував огромна потреба да направам еден стил на музика кој ќе биде разбирлив на интернационално ниво, но истовремено да ги зачувам моите музички корени.

Исто така, можеби најважно од се ми беше да изградам една замислена, интимна врска помеѓу песните и слушателите од секоја возраст, притоа доставувајќи чувства на носталгија, љубов, мечта и пријатност.

Дали албумот е носталгија по Македонија и детството?

Чувството на копнеж по нешто, по некого и по некои моменти од минатото, најмногу ми помогна да ги напишам овие песни без зборови. Во тој долг процес на компонирање секако имаше доза на носталгија и по Македонија и моето детство и безгрижниот тинејџерски период, но и носталгија по моменти поминати со одредени личности. Можеби и не толку голема мечта по самите тие луѓе, колку што по моментите поминати со нив. Исто така, морам да признам дека една доза на суета ми помогна да го дизајнирам мојот стил на компонирање за да би бил различен од сите. Јас открив едно ново лице на овој инструмент, досега не слушнато, и успеав да привлечам внимание на луѓе кои претходно никогаш не сакале да слушаат кларинет.

Дали имате соработка со македонски музичари или можеби музичари од Шведска и други земји,  и во таа насока со која личност, музичар би сакале да се најдете на иста сцена?

Соработка со музичари од Шведска и други земји ми е секојдневие. За жал, не соработувам со македонски музичари, а тоа премногу ми недостасува. Спонтаноста на македонските музичари ја почитувам пред се, но и огромниот музички талент со кој е посеана Македонија. Со кого би сакал да настапам… Пред 15 години имав детска идеја да застанам на иста сцена со Мајкл Џексон. Очигледно не се случи. Сега исто така имам луда детска желба, еден ден да ја споделам сцената со Лејди Гага. Држете ми среќа. (ха,ха)

Каква музика најчесто слушате и кој музички правец имаше најголемо влијание на Вас?

Мислам дека таа некоја носталгија што живее во мене ја бира и музиката која ја слушам.

Јас сум така речено „ретро“ тип. Обожавам југословенски рок и поп хитови од 80-тите и 90-тите и македонска поп-музика од 90-тите. Исто така слушам џез, блуз и рок, и од овие три типови на музика добивам инспирација и влијание за музиката која ја пишувам.

Класична музика ми е очигледно професија и затоа повеќе не ја слушам така често ова музика затоа што ми треба одмор од тоа. Ќе им откријам на читателите и тоа дека слушам стари македонски детски песни и гледам стари македонски детски серии.

Кога не свирите, како го исполнувате Вашето слободно време?

Играм баскет 2-3 пати неделно и тренирам физички вежби за да би бил физички подготвен кога свирам. Исто така сакам да слушам предавања поврзани со психологија и да гледам филмови. Не така често лизгам на мраз и возам ролерки. Навечер обожавам да се гледам преку камера со некој од моите драги другари/другарки од Македонија.

Кои се вашите професионални планови и дали можеби некогаш пак би се вратиле во Македонија, или пак, планот ви е да заминете и од Шведска во друга земја?

Искрено, веќе пет години си флертувам со идејата да се вратам да живеам во Македонија, но не сум одлучил ништо. Убаво се чувствувам во Шведска и често си доаѓам во Македонија, некогаш дури само за викенд. Некогаш имам чувство дека всушност јас живеам во Македонија, но сум привремено во Шведска. Во иднина сакам да продолжат моите соработки и сезонски договори со операта на Малме, театарот на Стокхолм, како и симфонискиот оркестар на Хелсингборг. Планирам да ја одржувам соработката со трите најголеми факултети за музика во Шведска и да ги прифаќам нивните покани за да предавам одреден број часови.

 Колку сте задоволни од интересот за Вашиот албум во Шведска и во Македонија?

Презадоволен сум. “Nostalgic Love“ привлече внимание на луѓе кои никогаш претходно не сакале да слушаат кларинет. Овој нов стил што така речено го дизајнирав го слушаат рокери, џезери, блузери, турбо-фолкерите, деца, тинејџери, млади и стари. Буквално сите групи на луѓе. Продолжувам да работам на проширување на бројот на слушатели и се надевам дека сегашните неколку стотици ќе пораснат до неколку милиони во наредните пет години. (Д.Т.)