Благодарение на Црвениот крст заработувам за живот

274

– Апелирам до фирмите да им овозможат на лицата како мене сами да заработуваат. Меѓу нас има лица кои се работоспособни и сакаат да работат, но се соочуваат со отпор од страна на работодавачите кога ќе слушнат дека се бездомници, вели Аметовски, кој го сретнавме вчера во Пунктот во Момин Поток на одбележувањето на 10 октомври – Светскиот ден на  бездомништвото

 

Благодарение на Црвениот крст на Град Скопје, Хари Аметовски, кој ги користи услугите на Пунктот за бездомници во Момин Поток, веќе самиот заработува, продавајќи го уличното списание „Лице в лице“.

– Овој пункт е најчесто посетувано место, бидејќи расте бројот на луѓе кои немаат каде се сместат и имаат потреба од помош од институциите. Меѓу нив сум и јас – ја започна својата приказна Хари.

 

Тој сè уште живее на улица, но како што вели, со помош на Црвениот крст на Град Скопје, кој им помага на оваа категорија на граѓани, успеал да се ресоцијализира и да заработува за егзистенција веќе седум години.

– На улица сум веќе 10 години и сум меѓу првите корисници на Пунктот од 2008 година. Многу сум и благодарам на Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје и на нејзиниот тим, бидејќи таа е селектор на најдобрата репрезентација. Таа има прекрасни луѓе кои е доволно само да не погледнат во очи и знаат што ни е потребно – констатира Хари.

Причина што тој се нашол на улица, како што истакна, се нарушените семејни односи.

– Јас сум машински техничар. Во 1992 година кога работев во „Металски завод Тито“ бев прогласен за технолошки вишок и останав без работа. Живеев во населбата „Методија Андонов Ченто“. Таму сега живее мојот брат. Сопругата ми е почината, а имам само една ќерка која има 21 година – раскажува Хари.

Тој е задоволен што постои ваков пункт во кој се згрижуваат лицата како него.

– Овде во Пунктот за бездомници во Момин Поток има прекрасни услови. Има и дел кој е стационар каде што во текот на зимата може да се остане и повеќе денови. Топло е, има чиста постелнина, има каде да се искапеш. Буквално ги има сите работи што се потребни за еден пристоен живот – вели Хари.

Тој го истакна проблемот со вработувањето на овие лица.

– Апелирам до фирмите да им овозможат на лицата како мене сами да заработуваат. Меѓу нас има лица кои што се работоспособни и сакаат да работат, но се соочуваат со отпор од страна на работодавачите кога ќе слушнат дека се бездомници – констатира Хари.

Денеска во Пунктот за бездомници се одбележа 10 октомври – Светскиот ден на  бездомништвото и по тој повод Црвениот крст на Град Скопје им подели пакети со топла облека, вреќи за спиење и хигиенски средства, а на донаторите за трпезаријата „Пекабеско“, кој донира сувомесни производи и на „ЛЛ кетеринг“, кој секој петок подготвува топла чорба (телешка или пилешка), која се служи во трпезаријата во пунктот.

Претставничката на оваа фирма, Неда Анелцин, изјави дека се горди на шестмесечната соработка со Црвениот крст да ги нахранат бездомните лица.

– Договорот е секој петок по желба на бездомниците да подготвиме топол оброк чорба. Готвиме со многу љубов и настојуваме да им излеземе во пресрет. Се надевам дека ќе бидеме позитивен пример за целото општество и за останатите фирми – истакна Анелцин.

Координаторот на Пунктот за бездомници, Драгана Лазаревска, информираше дека за сега нудат услуги на 60 бездомници, иако во дата базата на Црвениот крст се регистрирани 180. Тие добиваат топол оброк два дена во неделата – во среда и во петок. Тука добиваат чиста облека, добиваат услуги од доктор, социјален работник и психолог, како и хигиенски и берберски услуги.

Според податоците на Обединетите Нации на светско ниво има 100 милиони бездомници.

– Ужаснува фактот што бројката на бездомни лица и овде кај нас расте. Тоа може да се потврди со податокот според кој во 2008-та кога е отворен пунктот, се опслужувале само десет бездомници, а сега во 2019 година се шеесет. Жално е што бројката расте со галопирачко темпо – истакна Лазаревска.

Таа апелираше до Градот за потребата да се отворат повеќе вакви пунктови бездомници.

Инаку, во рамките на Пунктот за бездомници функционира и стационарен дел-  прифатилиште со сместувачки капацитет од 32 кревети, но доколку се појави поголем број на бездомници за згрижување, овој простор се адаптира и можат да се сместат 40 бездомници. Прифатилиштето беше отворено во 2010 година.

(А.П.) – Фото: П.С.