„Ќе пеам додека грлото ме држи, јас живеам со песната, денот со песната ми е исполнет, вели Блага. Овие месеци наназад тажна сум единствено поради пандемијата. Многу драги луѓе кои ги знам, а ги знаете и вие, заминаа поради страшната болештина. Но јас сум верник и верувам во Господ дека целата ситуација брзо ќе заврши. Животот мора да продолжи. И секако да ја читаме Библијата, духовно да јакнеме…“

„Бог се јави, навистина се јави“, вака вели за весникот ВЕЧЕР нашата најпозната прилепчанка, големата пејачка Блага Петреска, родена во Прилеп, градот под Марковите Кули, но која со години наназад живее во Скопје и која од се срце ја љуби својата родна мајка Македонија, а по повод Големиот празник Богојавление. Нејзиното име значи да си како човек пријатен и благословен. Затоа луѓето ја сметаат за посебна!Таа е жена со непресушен младешки дух и јужњачки темперамент.

Голема патриотка, но и голема православна Христијанка. Блага е воедно и голема македонска музичка ѕвезда, жена за сите времиња. Нејзината популарност никогаш не поминала ниту нејзините песни се песни за кусо слушање. Напротив! На нашата естрада Блага постои повеќе од 40 години со исто темпо. Животот ја искали, па на овие години сè прима со доза на трпение.

Сите до една од песните и се благодарение на нејзините емотивни и впечатливи интерпретации слушани подеднакво и до денес. Да спомнеме само некои: „Свени ми свени невене, „Ти ме предаде“, „Ех љубов“, „Охрид порти отвора“, „Сакам да ти простам“, „Запеј генерацијо“, „Што да таксам на Господа“, „Гоце син македонски“, „Саноќ сама“, „Заиграј срце“, „Заљуби се“, и….препознатливата омилената “Пеј грло мое“ (од некогашниот фолк-фестивал„“Цветници“).

И навистина еве, Блага ни пее и нека пее од своето златно грло, на радоста на нејзините обожаватели…. (со колегите ефто и виолета!)

-Ќе пеам додека грлото ме држи, јас живеам со песната, денот со песната ми е исполнет, вели Блага. Овие денови, овие месеци наназад тажна сум единствено поради пандемијата. Многу драги луѓе кои ги знам, а ги знаете и вие, заминаа поради страшната болештина. Но јас сум верник и верувам во Господ дека целата ситуација брзо ќе заврши. Животот мора да продолжи. И еден апел до мојот народ, да не се плаши, оваа чума ќе помине. Само на Господ да му се молиме. Секако и да ја читаме Библијата. Читам Библија, со неа го јачам духот.

Сепак, Блага како официјална пензионерка и ако знаеме дека всушност никогаш не престанала да пее и да настапува, сега е принудена да си седи дома, да се чува од вирусот, од невидливиот непријател.

-Да, седам дома, многу ретко излегувам. Велат тоа е најсигурна заштита. Што помалку контакти. Се молам за секој од нас. Се придружувам на препораките на здравствените лица. Ние пензионерите, значи луѓе кои сме во пристојни години, сме најризична група. Но ако сум дома не сум сама. Додуша немам физички контакти со моите, се слушаме по телефон без разлика на тоа што син ми и снаа ми живеат блиску до мене. Ми помагаат колку што можат. Ќерка ми Оља, зетот и децата живеат во Уганда, на сосема другиот крај на планетата, а тоа тешко ми паѓа. За среќа што постојат овие модерни технолошки интернет врски, па така редовно ја одржуваме комуникацијата.

Но еве морам да кажам, и сега, бидејќи постојано ми лежи на срце. Ние имаме пари во Македонија, но имаме за секакви гостувања на странците во Македонија. Нека гостуваат, но нека се проредат тие гостувања. Бидејќи кога ние ќе побараме пари или демек нема пари или се даваат некои суми со кои можеш само за утеха, да заминеш на кус одмор. На една наша пејачка од постарата генерација неодамна ѝ се доделени мислам, илјада евра. Па што ќе прави кутрата со тие пари? Не може ниту салата да ја плати.

Поттикната сум со овие размислувања кога неодамна видов како Хрватите величествено ѝ го направиле славеничкиот концерт на легендарната музичка дива Тереза Кесовија. Затоа сум разочарана бидејќи кај нас не е така, вели Блага која и во право е. Но и покрај се ова, препознатливата нејзина насмевка со која ги освојува луѓето, не ја напушта. Ете и за тоа, за многу години пеј, македонска легендо!

Дуле Миќиќ / (Фото:ФБ)