Дома МАКЕДОНИЈА Би-би-си анализа: Телефонските „пранкстери“ како медиумска алатка на Кремљ

Би-би-си анализа: Телефонските „пранкстери“ како медиумска алатка на Кремљ

93
Двајцата телефонски мајтапчии (популарно познати како „пранкстери“) таргетираат голем број непријатели на Кремљ, а снимките од нивните наводни разговори добиваат многу минути и позитивни коментари на руската телевизија, вели експертот на „Би-би-си мониторинг“ за Украина и Русија Витали Шевченко, во  анализа од 2018 година.
Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус, спроведуваат тактика на провокативно испрашување, а телевизијата потоа честопати погрешно ја претставува содржината на ваквите разговори за да ги прикаже своите жртви во лошо светло. Пранкстерите, исто така, честопати добиваат платформа за да ги емитуваат своите прокремљски ставови на телевизија.

 

Според службата за следење медиуми Медиалогија, федералните телевизиски канали, односно оние што емитуваат низ цела Русија, пренеле повеќе од 400 вести во кои се споменуваат пранкстерите во 2017 година.

Во текот на изминатата година, дуото тврди дека разговарало со украинскиот претседател Петро Порошенко, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, американскиот претставник за решавање на состојбата во Украина Курт Вокер и сенаторот Џон Меккејн, меѓу другите. Руската телевизија извести за сите наводни разговори на шегаџиите со тие луѓе.

Тие потоа се обидуваат да ја испровоцираат својата жртва да даде лекомислени изјави за време на наводно приватен разговор, вели Би-би-си.

Содржината на ваквите разговори често се вади од контекст или на друг начин погрешно се прикажува на руската телевизија, каде што водителите, гостите или самите пранкстери ги прикажуваат геополитичките противници на Москва во лошо светло, но тоа не го поткрепуваат со директни цитати или аудио, вели Би-би-си.

За активностите на дуото постојано се известува позитивно на руската државна телевизија. На пример, на 29 декември, Канал Еден емитуваше скоро 10-минутен весел прилог за Вован и Лексус.

Двајцата добија можност да разговараат за своите шеги, а Канал Еден ги опиша како „сериозен жанр“.

Во еден момент, еден гостин во емисијата, наречена „Човекот и законот“, призна дека тие двајца всушност го прекршиле законот, но продолжи да ги брани.

„Да, всушност, ова е хулиганство. Но погледнете колку интересни информации добиваат момците од богатите и моќните!“, се восхитуваше гостинот.

Тој исто така истакна: „Во 2014 година момците одлучија да се мајтапат со повеќе истакнати политичари“. Овој пресврт во фокусот се совпадна со зголемениот меѓународен притисок врз Русија поради нејзините дејства во Украина.

Канал Еден, исто така, застана на страната на пранкстерите кога го коментираше повикот кон американската конгресменка Максин Вотерс во февруари 2017 година.

Нарекувајќи го тоа „спектакуларен мајтап“, презентерот на каналот рече: „Познатите шегаџии Вован и Лексус буквално го уништија угледот на еден член на Претставничкиот дом на САД, потсмевајќи се со интелектуалните способности на жртвата – подоцна се покајаа пред онлајн-публиката од руски говорители, но тие сè уште се тркалаат на под од смеење“.

Во разговорот со Вотерс дуото тврдело дека руски хакери ја нападнале непостоечката држава наречена Лимпопо.

На уште еден клучен државен канал, Расија 1, главниот прокремљски коментатор Владимир Соловјов тврдеше дека „Вован и Лексус се попочитувани од Порошенко и (поранешниот украински премиер Арсениј) Јацењук“.