“Бијело дугме“ во Скопје пред 50 илјади луѓе: “Плукни и запеј, моја Југославијо“!

527

Дефинитивно е сега јасно дека безвременската песна „Ѓурѓевдан“ (или на ромски како што ја пеат во оригинал “Едерлези) не излегува од мода. Тоа го потврдија членовите на исто така безвременскиот состав “Бијело дугме“ кој синоќа настапи на скопскиот плоштад во силен состав со Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ и Младен Војичиќ-Тифа пред околу 50 илјади луѓе, во придружба на уште десетина врвни музичари, а сето тоа по повод отворањето на скопското казино “Фламинго“ во хотелот “Мериот“. Но, пред да ја испеат “Ѓурѓевдан“, „белите копчиња“, како тоа би се рекло по наше, испеаја многу други нивни хитови со кои одбележаа едно убаво поминато време во една друга голема држава која се викаше Југославија. Тоа и самиот Бреговиќ го кажа од сцената додека со него Ален Исламовиќ го пееше нивниот хит “Пљуни и запјевај моја Југославијо“ кој кај присутните одекна исто толку силно, на моменти и посилно од “Ѓурѓевдан“.

Далеку од тоа дека некој плукна додека је слушаше оваа песна на скопскиот плоштад. Ситуацијата беше сосема спротивна. Да се наежиш: плоштадот во македонската метропола ечеше од рефренот на оваа песна, па сите сложни од своите грла во еден глас како вешто воигран хор загрмеа со рефренот….“Моја Југославијо, моја љепотице сирота краљице Југо, Југице….“ Според некоја слободна процена на платото на плоштадот се собра премногу народ, дојдени не само од Скопје, туку и од многу други македонски, но и од јужносрпските градови не сакајќи да го пропуштат настапот на легендарното “Бијело дугме“. Но исто така забележавме и многу познати личности, очигледно љубители на музиката на “Бијело дугме“, меѓу кои и скопскиот градоначелник Петре Шилегов. А, песните која од која попознати на публиката, од онаа една од првите на бендот “Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“ до онаа со која излегоа на бис “Хајдемо у планине“.

Иако имаше и такви кои на Бреговиќ му префрлија дека меѓу пејачите му фалеше првиот пејач на бендот, легендарниот Жељко Бебек (со кој, инаку, Горан е во лоши комуникации), публиката тоа не го ни забележа. Песните кои Бебек ги испеа со “Дугме“, одлично ги испеа и Ален Исламовиќ, а потоа во вториот дел од концертот и Младен Војичиќ-Тифа… Една прекрасна вечер исполнета со емоции, Ју-носталгија, другарување на присутните кои најчесто прегрнати ги пееја сите свои омилени песни со кои се сакале, вљубувале или разделувале:

“Доживети стоту“, “Сви марш на плес“, “Лажеш душо“, “Заборави ако можеш“, “Напиле се улице“, “Загрли ме око врата“, “Све је то од лошег вина“, “Има нека тајна веза“…, а самиот Бреговиќ кој кажа на почетокот “Кој нема да полуди, тој не е нормален“ беше во право. И навистина беше така, ама поради фантастичната атмосфера!
Фото-текст: Дуле М.