Битолското сонце енергетски спас за домаќинствата – струја да тече од фотоволтаици 

98

Централно греење базирано на јаглен не е решение за Битолскиот Регион. Анализата што ја порача „Екосвест“ во соработка со мрежата „CEE Bankwatch Network“ и истражувач за енергетика од Федералниот институт за технологија во Цирих, покажа дека битолските домаќинства најекономично би се загревале ако користат инвертер клима-уред и се напојуваат со струја од покривни фотоволтаични панели.

Ова најново истражување од експерти покажа дека поставување мрежа на централно греење која ќе биде зависна од ТЕЦ „Битола“ не е најефикасното решение, иако со години и децении се потенцира дека е евтино поради близината на термоцентралата. Сепак, и по 40 години по отворањето на првиот блок на електраната, ова решение сè уште не е реализирано, а Битола е меѓу најзагадените градови поради користењето нееколошки начини на затоплување.

Податоците на Глобалниот соларен атлас покажуваат дека сончевото зрачење во Битолскиот Регион овозможува значително производство на енергија од сонце во текот на целата година.

– За ова решение, детално се анализирани различни сценарија за два типа просечни домаќинства – стан од 60 квадратни метри и куќа од 100 квадрати. За сите сценарија е земен предвид и комфорот во домаќинствата, односно користењето два внатрешни клима-уреда за станови и три за куќите, со што ќе се загрева поголема површина со иста потрошувачка на енергија – велат од „Екосвест“.

Оттаму нагласуваат дека поддршката на државата во вакви системи би изнесувала од 30 до 50 проценти, а особено ако се земе предвид очекуваното зголемување на цената на електричната енергија, месечните трошоци за затоплување, заедно со отплаќањето на инсталацијата на системот, паѓаат за 20 проценти кај становите и над 35 насто кај куќите.

– Ефикасноста на овие системи се зголемува со здружување на домаќинствата во т.н. енергетски заедници. Со теренска анализа се идентификувани осум локации поволни за формирање енергетски заедници, и тоа Новаци, Могила, Брусничка, Лавчанска, Буковски Ливади, Буково, Стрелиште и Стрежевска. За овие локации предложено е формирање заедници од по 10 домаќинства во кои заеднички ќе инвестираат, значително ќе ги намалат трошоците и ќе ги зголемат заштедите на долг рок – потенцираат од „Екосвест“.

Преку продавање на вишокот произведена струја на универзалниот снабдувач ЕВН, месечните приходи за заедница ќе достигнат и до 5 000 денари. Доколку Општина Битола, пак, заедно со образовните институции, формира ваква енергетска заедница, може да генерира и до 120 илјади денари месечно во летните месеци. Со ваков начин на затоплување, значително ќе се намали аерозагадувањето, Општината ќе добие енергетска независност, а и ќе се заштити од нагли промени на цената на електричната енергија.

(С.Бл.)