Битолското Ислахане заедно со солунското се последните сочувани

225

Битолското Ислахане, заедно со солунското се последните два сочувани објекти од 19. век oд ваков тип на Балканот, од изградените седум. Ислаханите имале исклучителна улога – да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, давајќи им занает, а многу од нив израснале во почитувани луѓе…

„Завод и музеј – Битола, Ислахането го става во списокот на објекти под привремена заштита. Дефинирањето на режимот на негова заштита ќе зависи од ревалоризацијата на објектот која е во тек. Со оглед на тоа што битолското Ислахане е во приватна сопственост, преку Завод и музеј – Битола, како надлежна институција се става на списокот на објекти под привремена заштита“, рече министерката за култура Ирена Стефоска при посетата на Битола по повод Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 Април. Воедно Стефоска порача: „Онаму каде што пишува – ‘Објектот се продава’, нека се допише – ‘Објектот е заштитен’“.

Таа заедно со директорката на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола, Мери Стојанова, го посети овој објект од световeн карактер изграден кон крајот на 19 век, кој всушност бил училиште за занаети и уметности од османлискиот период.

Според Стојанова активностите кои ги реализира институцијата се во однос на зачувување на културното наследство, а од тој аспект Ислахането како објект одамна е евидентиран и претставува интегрален дел на Секторската студија која се однесува на културно-историското наследство на Битола.

Битолското Ислахане, заедно со солунското се последните два сочувани објекти од ваков тип на Балканот, од изградените седум. Ислаханите имале исклучителна улога – да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, давајќи им занает, а многу од нив израснале во почитувани луѓе.

Во Ислахането се грижеле и ги образувале јетимите (сираците). Образованието траело 5 години. Освен училници, менза и спални соби, во училишната зграда се наоѓале и печатница, хамам и месџид.

Учениците биле на возраст од 10 до 14 години. Предност им се давала на јетимите и сиромашните деца. Поимотните родители за своите деца плаќале школарина и се примале деца од различни етнички и верски потекла. Се изучувале повеќе занаети, како шиење, кондураџиски занает, столарски, печатарски, копаничарство и литографија.

„За жал, војните, времето и негрижата се отсликани и на овој објект – Ислахане, што во буквален превод од турски значи – добро место. Такво мора и да остане, зашто, културното наследство е местото каде што се сретнуваат минатото и иднината, а неговата заштита е во сегашноста“, додаде министерката Стефоска.

Според податоци на Министерството за култура и зачувани фотографии, Ислахането во Битола почнало со работа на 6 октомври 1902 година, во присуство на многу гости, муслимански и православни великодостојници и битолскиот валија Едип паша. Архитектонски, овој монументален објект е во неокласичен и неоренесансен стил, главно идентичен на многу јавни институции од времето на султан Абдулхамид, со големо влијание на тогашната париска школа. Ислахането во Битола функционирало до 1912 година.

Ислахане исто така постоело и во Скопје. Било отворено во 1897 во близина на Ислахане паркот (денешен Градски парк), а иницијатор бил тогашниот градоначалник, Салих Асим. Имајќи ја на ум османлиската одредба дека училишта од овој тип требало да се отворат во поголемите градови, тој го изградил ова врз углед на таквите училишта во Ниш (основано од Мидхат паша), Софија, Истанбул, Халеп и Солун.

Стефоска во Битола ги посети и Спомен-куќата на народниот херој Стив Наумов и Мехмед Ефенди – Јени џамија.

Посочи дека за Владата и за Министерството за култура, заштитата на културното наследство е аманет и мисија за грижа на културните идентитети на сите граѓани и на културната меморија на сите нас. „Ние правиме сериозни чекори за остварување на оваа цел, отвораме посебна Неменска програма за културно наследство во опасност преку која ќе можеме брзо да дејствуваме во спасувањето на нашите културни добра како што се црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче, скопскиот Аквадукт, Сарајот на Ахмед Нијази Бег во Ресен, Јени џамија во Битола, а издвоивме средства за изработка на елеборат за ревалоризација на црквата Света Софија во Охрид и изработка на проект за конзервација на нејзиниот величествен фрескоживопис“, нагласи таа. (Н.И.Т.)