Битолската Зоолошка градина отворена за посетители

43

Битолската Зоолошка градина од денеска е отворена за посетители. Начинот на работењето е регулиран врз основа на насоките и протоколот препорачан од Европската асоцијација на Зоолошки градини – ЕАЗА.

Протоколот е усогласен со претставниците на Зоолошки градини од 21 држава, и тој строго ќе се почитува, информираат од ЈОУ Зоолошка Градина – Битола.

– На секој посетител ќе му посакаме добредојде и ќе посочиме дека задолжително е почитувањето на мерките кои го ограничуваат бројот на посетители односно максимум 150 посетители на површина од еден хектар или еден посетител на површина од 10 кавдратни метри, ќе се користи е-карта за да нема примо-предавање на хартиени влезни карти, ќе се почитува физичка дистанца меѓу посетителите, а вработените ќе потсетуваат на таа обврска на посетителите – посочуваат од битолската Зоолошка Градина.

Примената на социјална дистанца меѓу луѓето и животните ќе се применува исто како и социјалната дистанца меѓу луѓето, предупредуваат од ЕАЗА.

– И оваа мерка целосно ќе се почитува без разлика на љубопитноста на секој посетител и желбата да биде што поблиску до некој кафез и да набљудува животни, а во битолската Зоолошка градина веќе се сместени нови кенгури, елени и други миленици на најмладите – информираа од менаџментот на таа општинска установа.