Битола да стане национален центар за праведна транзиција во енергетиката

62

Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, на панел-дискусија во Европскиот парламент во Брисел, водена на тема „Можат ли политиките на ЕУ да ја поттикнат декарбонизацијата во Западен Балкан?“, иницира да се формира национален центар за праведна транзиција во енергетиката со седиште во Битола.

Во Брисел, тој ја нагласи важноста на праведната транзиција на земјава, а особено за Битола, како од економски, енергетски така и од аспект на заштита на животната средина и обезбедување соодветна заштита на населението од Општината:

– Транзицијата е еден од најголемите предизвици на човештвото денес, при што таа може да успее само ако се спроведе на фер и инклузивен начин без да остави никого зад себе, а тоа може да се случи исклучиво само ако се примени принципот оддолу нагоре, т.е. да се води процесот од најзасегнатите општини. Не е во ред процесот на транзиција да се сведе на голем број реализирани проекти во државата, а во Битолскиот Регион процесот да биде сведен само на термоцентралата РЕК „Битола“, без можност за спроведување одржливи решенија, кои би ги надминале моменталните проблеми од повеќе аспекти – потенцира Димитровски. 

Тој оценува дека транзицијата треба да биде добро координиран паралелен процес со соодветна реална динамика, процес што треба да започне со имплементација на нови, современи техничко-технолошки решенија и голем број имплементирани проекти, преку кои ќе се креираат нови работни места во Битолскиот Регион.

– Регионот постепено ќе се претвори во регион во кој ќе се произведува и ќе се складира чиста енергија и ќе се трансформира во современ културен, туристички и инфраструктурно развиен едукативен центар. Битолскиот Регион е жив и има потенцијал да го води процесот на транзиција базиран на научна основа, со квалитетно изготвена подготовка и динамика, согласно со реалните услови и потреби и која ќе биде праведна и фер и никого нема да изостави назад. Затоа, од исклучително значење е поддршката од меѓународниот фактор и од Европската Унија, сè со цел да успееме процесот на транзиција да се води од национален центар за транзиција со седиште во Битола – посочи Димитровски за време на престојот во Брисел.