Битиќи: Целиме кон исполнување на обврските од Зелениот договор

50

Владата тргна храбро во енергетска транзиција. Целиме да ги исполниме обврските од Зелениот договор 2050 на ЕУ, порача вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на попладневниот панел што се одржа во рамки на Македонскиот енергетски форум 2020.

Во своето обраќање, Битиќи посочи дека во последните три години Владата ја насочила својата енергетска политика кон исполнување на целите на ЕУ.

– Со помош на нашите партнери, УСАИД и ЕБРД донесовме два важни закони во кои целосно се имплементирани ЕУ директивите кои се однесуваат на внатрешен пазар на енергија и на енергетската ефикасност. Тоа се Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност. Со Законот за енергетика и со подзаконските акти кои се однесуваат на обновливите извори на енергија, се создаде клима за нови инвестиции во обновливи извори на енергија, поддржани со нови пазарно-ориентирани механизми, на транспарентен и конкурентен начин, рече Битиќи, додавајќи дека изминатата година потпишани се договори за изградба на фотонапонски електрани со инсталиран капацитет од 62 MW. 

Во моментот, како што посочи Битиќи, во тек е и постапка за јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ, за изградба на две фотонапонски електрани по 40 MW, на местото на рудникот за јаглен во РЕК Осломеј.

– Ова е прв проект во регионот, пример на енергетска транзиција, односно замена на термоелектрана на јаглен што загадува, со фотонапонски електрана, која произведува 100 проценти чиста енергија. Со цел диверзификација на изворите, Владата издаде овластувања за изградба на ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 150 MW на приватни инвеститори, нагласи Битиќи.

 

Еден од клучните предизвици во иднина, според вицепремиерот, ќе биде одржувањето на стабилноста на електроенергетскиот систем, имајќи предвид дека во наредните години, поголеми количини на електрична енергија од обновливи извори ќе се приклучуваат на електро-енергетската мрежа.

– Соодветно на тоа ќе треба да се инвестира и во преносните и дистрибутивните капацитети со цел успешно балансирање на системот. Во моментот во фаза на градба е интерконективниот 400 кдалекувод помеѓу Република Северна Македонија и Албанија. Оваа врска е единствената врска која во моментот недостасува за Република Северна Македонија да биде поврзана со сите соседи, овој проект значително ќе ја подобри сигурноста во снабдувањето не само во Република Северна Македонија туку и регионалната сигурност во снабдувањето со електрична енергија. Со цел балансирање на електро-енергетскиот систем во иднина, како домашниот така и регионалниот, Владата распиша оглас за изградба на пумпно акумулациона хидроцентрала ХЕЦ Чебрен. Овој долгогодишно најавуван проект, кој две децении неуспешно се промовира, конечно ќе го најде својот пат кон успешна реализација, а потребата од ваков тип на електрана која ќе има за цел, покрај производството на чиста електрична енергија, ќе биде и да се грижи за одржувањето на стабилноста на електро-енергетскиот систем, рече Битиќи.

Додаде дека земјава го продолжува патот кон регионалната интеграција на пазарот на електрична енергија и интеграцијата со пазарот на ЕУ.

– За таа цел Владата веќе го номинираше МЕМО Дооел Скопје (националниот пазар со електрична енергија) да биде организатор на номинираниот пазар на електрична енергија и да го води процесот на пазарното спојување со Република Бугарија, како и да го води процесот кон воспоставување на берза на електрична енергија во Република Северна Македонија. Следните чекори во наредните години ќе бидат и воспоставување на еден пазар на електрична енергија за земјите од Западен Балкан. Со изградбата на интерконективниот гасовод помеѓу Република Северна Македонија и Грција, значително ќе се зголеми искористувањето и трговијата со природниот гас во државата и во регионот. Имајќи во предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија, очекуваме и во овој дел значително да се подобри и унапреди соработката на регионално ниво, истакна Битиќи на панелот во рамки на денешниот енергетски форум.