Битиќи: Потрошениот буџетски дефицит е соодветен на одговорот на кризата

40

Веќе се потрошени 7,4 милијарди денари или речиси 43 отсто од планираниот дефицит за годинава во износ од околу 16 милијарди денари, но потрошените средства се соодветни на одговорот на кризата предивиката од коронавирусот, оцени денеска советникот на премиерот Фатмир Битиќи.

-Тоа е за речиси 25 отсто повеќе од потрошениот дефицит во овој период од минатата година. Лани во истиот квартал имавме 18 отсто потрошено од дефицитот или 3,2 милијарди денари што значи дека во овој квартал годинава се потрошени 4,2 милијарди денари повеќе. Но, во март кога Македонија беше погодена од кризата со короанавирусот приходната страна на Буџетот беше намалена за 1,9 милијарди денари и имаше за околу пет отсто помалку приходи од планираните за целиот квартал, рече Битиќи во одговор на прашање на прес-конференција во Владата.

Тоа, како што прецизира, се планирани расходи на другата страна и затоа, рече, е искористен соодветно за пополнување на дупката во приходната страна.

-Дополнително во првиот квартал од годинава имаме за 400 милиони денари повеќе реализирани капитални инвестиции наспроти првиот квартал од 2019 година, односно имаме 8,5 отсто реализација на капитални инвестиции или 2,3 отсто повеќе од првиот квартал лани. Покрај тоа, имаме за 800 милиони денари повеќе платени субвенции годинава или за три отсто повеќе платени субвенции од лани, посочи Битиќи.

Нагласи дека не е добро да се прави компарација на два квартала од различни години, кои, како што кажа, се неспоредливи.

-Со сите законски измени направени минатата година, во почетокот на годинава сите расхиоди креирани во Буџетот се законска обврска  на Владата да се реализираат. Во првиот квартал од 2020 година имаме зголемени плати во образованието, армијата, полицијата и во здравството. Замислете каква ќе беше реакцијата да имаше исти плати во овие сектори како лани кога најголемиот товар од пандемијата паѓа токму на овие четири сектори. Покрај тоа, имаме зголемени пензии и социјални давачки и затоа велам дека се неспоредливи овие квартали и оти буџетскиот дефицит кој е направен во овој период е соодветен на одговорот на кризата и ќе продолжи да биде соодветно користен за товарот од кризата најмалку да падне на граѓаните, потенцира Битиќи.